ПЕТТИ ДЕН ЗАКАНИ СО БОМБИ НА ЛЕТОВИ ВО ЕВРОПА Српски ловци придружувале авион на „Виз Ер“ до Софија

Дојавите за експлозивни направи ги погодија европските авиолинии и медиумските редакции. Во дел од анонимните пораки се појавува името на руското екстремистичко движење „Машка држава“, но засега не е утврдено кој ги испраќа заканите.

0

Петти ден по ред продолжуваат заканите со бомби во европскиот авиосообраќај. Денеска два српски борбени авиона пресретнаа патнички авион на „Виз ер“ на линијата Брисел – Софија.

Истовремено, во Ирска беа евакуирани редакции по нови дојави. Ирската влада предупреди дека Европа веројатно се соочува со координирана кампања за ширење страв и вознемиреност.






Дојавите предизвикуваат безбедносни проверки, пренасочувања на летови и ангажирање воена авијација, иако досегашните проверки не откриле експлозивни направи.

Италијанската полиција истражува и анонимни пораки потпишани од „Борци на машката држава“, во кои испраќачите се заканувале дека ќе го „обојат небото црвено“.

Српски ловци го придружувале авионот до Бугарија

Два борбени авиона на српската армија денеска биле кренати по информација дека во патнички авион на „Виз ер“, кој летал од Брисел кон Софија, можеби има експлозивна направа.

Според Министерството за одбрана на Србија, ловците го пресретнале авионот, визуелно го идентификувале и го придружувале до границата со Бугарија. Потоа се вратиле во воената база Батајница.

Интервенцијата била преземена по известување од Контролата на летање на Србија и Црна Гора. Во зголемена готовност биле ставени и дел од противвоздушните единици, како и силите за пребарување и спасување.

Околу 10.30 часот, борбените авиони ја пробиле звучната бариера над Шумадија. Силните звуци, слични на детонации, ги вознемириле жителите.

Српското Министерство за одбрана изразило жалење поради вознемирувањето, нагласувајќи дека при вакви закани е неопходна брза реакција на воената авијација.

Ирската влада денеска предупреди дека заканите упатени до авиокомпании и медиуми во повеќе европски земји веројатно се дел од поширока, координирана кампања.

„Овие закани се случуваат во услови на нарушувања во воздушниот сообраќај во Европа, кој исто така е цел на слични закани и се чини дека најверојатно станува збор за координирана кампања насочена кон предизвикување вознемиреност“, се наведува во соопштението на ирската влада.

Канцелариите на неколку ирски медиуми утрово биле евакуирани по дојави за поставени експлозивни направи.

Ирските власти нагласуваат дека засега не е познато кој стои зад заканите.

Кои се „Борците на машката држава“?

Името на руското екстремистичко движење „Машка држава“ се појавило во анонимни електронски пораки испратени до италијанските аеродроми.

Според италијанската агенција АНСА, испраќачите се претставиле како „Борци на машката држава“ и тврделе дека сакаат да се пресметаат со „феминистичкиот режим“. Во пораките најавувале експлозии и наведувале конкретни податоци за авионските летови.

Заканите се однесувале на летовите Хелсинки – Рим и Даблин – Рим, како и на два авиона што слетале на миланскиот аеродром Малпенса. Едниот пристигнал од Солун, а другиот од Порто.

„Машка држава“ е руско крајнодесничарско движење основано во 2016 година од Владислав Поздњаков. Организацијата пропагира екстремен патријархат, национализам и омраза кон жените и кон ЛГБТ-заедницата.

Преку групи на „Телеграм“, нејзините следбеници координирале масовни напади врз избрани личности, поттикнувајќи илјадници корисници истовремено да испраќаат навреди, закани и пораки со омраза.

Движењето станало познато по организирани кампањи на интернет-малтретирање, објавување лични податоци и закани кон луѓе што ги сметало за противници.

Руски суд во октомври 2021 година ја прогласил организацијата за екстремистичка и ги забранил нејзините активности. Историјата на движењето и неговото дејствување на интернет ги истражувал и Белингкет.

Следбениците продолжиле да дејствуваат на интернет и по забраната. Дел од нив подоцна јавно ја поддржувале руската инвазија врз Украина.

Прага, Рим, Варшава, Брисел, Виена, Софија…

Според претходните информации, меѓу целите на заканите биле авиони што патувале кон Прага, Рим, Варшава, Брисел, Виена и Софија.

Само меѓу 2 и 5 ноември, шест авиони што патувале кон Софија биле цел на закани со бомби. Три од дојавите се однесувале на летови на „Рајанер“.

Италијанските истражители проверуваат дали пораките испратени до аеродромите во Рим и во Милано се поврзани со сличните закани во другите европски земји.

Се испитува и можноста испраќачите да користеле компромитирани електронски сметки или услуги што овозможуваат поголема анонимност.

Истражителите ја разгледуваат и можната поврзаност на авионските закани со дојавите за експлозивни направи во околу 280 училишта.

Поврзани содржини