ЌЕ НАПРАВАТ ЛИ ИЛЈАДА КРАВИ ТАЛКАЧИ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО КРИВА ПАЛАНКА? Ако нема коj друг, нека помогне Армијата да се врзат говедата

Градоначалникот Митовски бара 30-дневна кризна состојба и помош од Владата за справување со добитокот што со години талка без надзор.

0

Повеќе од 1.000 грла крупен добиток, според процената на локалните власти, неконтролирано се движат низ Кривопаланечко, уништуваат насади и оштетуваат имот, а Општината бара Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. На ова барање и на трајното решавање на долгогодишниот проблем ќе биде посветена прес-конференцијата на градоначалникот Сашко Митовски, најавена за понеделник, 9 ноември.

Препораката за кризна состојба произлезе од состанокот на Општинскиот кризен штаб одржан на 2 ноември. Штабот оцени дека капацитетите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и на Агенцијата за управување со одземен имот се недоволни. Од Владата се бараат дополнителни екипи, опрема и пари, а предложено е да се разгледа и поддршка од Армијата, доколку недостигаат цивилни ресурси и се исполнети законските услови.






Решенија има, се бара нивно извршување

Општината бара АХВ да ги спроведе постојните правосилни и извршни решенија за одземање на животните од 2024 година, без да чека одлука за кризна состојба. Во соопштението од 3 ноември е даден рок од една недела од состанокот за оперативен план и конкретни активности. Во спротивно, Општината и оштетени граѓани најавуваат кривична пријава за испитување евентуална одговорност на службените лица.

Проблемот одамна е познат на институциите. АХВ во март 2025 година соопшти дека претставки за уништени имоти и посеви добивала уште во 2023 година. Тогаш во три одгледувалишта биле регистрирани 486 говеда, додека ветеринарите проценувале дека на терен има над 600. Агенцијата предупреди и на животни што излегуваат на магистралните патишта и предизвикуваат сообраќајни незгоди. Сегашната општинска процена е над 1.000 грла, но точната бројност треба да ја утврдат надлежните институции.

Обидите за одземање на добитокот биле проследени и со спречување на инспекциските екипи, според АХВ. На 13 март 2025 година Агенцијата објави дека при акција со полицијата во селото Жидилово, одгледувачите и уште едно лице ги растерале говедата во близина на штала. Со тоа, според институцијата, биле оневозможени идентификацијата, проверката на здравствениот статус и спроведувањето на решенијата за одземање од 17 април 2024 година.

Институциите спорат за надлежностите, граѓаните пријавуваат штети

Случајот предизвика и јавна расправија меѓу Митовски и АХВ. Градоначалникот во февруари годинава порача дека Агенцијата треба да ги одземе говедата. АХВ возврати дека и Општината има одговорност за чувањето и напасувањето добиток на јавни површини, повикувајќи се на Законот за јавна чистота. Од Агенцијата тогаш тврдеа дека животните не можат да се соберат веднаш и побараа соработка од локалната власт.

За оштетените жители Општината најави единствен регистар на штети и подготовка за заедничка тужба за надомест, доколку се исполнети законските услови. Граѓаните треба да достават формулар, докази и процена од независно вешто лице. Според општинското соопштение, трошоците за судските постапки организирани во рамките на оваа иницијатива ќе ги покрие Општината.

Поврзани содржини