📷 ТРИ МОСТА ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ БЛЕСНАА ВО НОВ СЈАЈ Пријателството со турски Енслер го осветли симболот на градот
Новото декоративно и архитектонско осветлување ги истакнува сводовите на еден од најпрепознатливите симболи на Скопје. Проектот е реализиран во рамките на соработката меѓу Град Скопје и турската Општина Есенлер.
Камениот мост во центарот на Скопје вечерва блесна со ново декоративно и архитектонско осветлување, кое свечено го пуштија во употреба градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската Општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу.
Ѓорѓиевски објави дека, покрај Камениот мост, повторно се осветлени и два други скопски моста, Мостот Око и Мостот на уметноста чие осветлување подолг период не било во функција.
„Камениот мост повторно блесна – гордоста на Скопје во полн сјај!“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук, објавувајќи фотографии од новоосветлениот мост.
На свеченоста присуствувале и амбасадорот на Турција во Македонија, Алпер Акташ, извршниот директор на Халк банка, Фатих Шахбаз, и почесниот конзул Ајдован Адемоски.
Градоначалникот истакна дека новото осветлување ја нагласува архитектурата на мостот и неговото историско значење за главниот град.


„Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот. Уште една причина да застанеме, да погледнеме и да си кажеме колку убаво Скопје имаме!“, порача Ѓорѓиевски.
Според градоначалникот, обновувањето на осветлувањето е дел од напорите за зачувување и уредување на препознатливите градски обележја.

„Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот“, напиша тој, потсетувајќи на значењето на Камениот мост за скопјани.
Проектот произлегува од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер во Турција.

„Од договорена соработка до светлина што вечерва ја гледаме сите – така се гради пријателство што остава трага“, нагласи Ѓорѓиевски.


Тој им се заблагодари на Општина Есенлер, на градоначалникот Гоксу, на Халк банка, на Фатих Шахбаз и на Ајдован Адемоски за поддршката во реализацијата на проектот.
„Камениот мост опстојувал со векови. Нашата задача е да се погрижиме и генерациите по нас да го гледаат со истата љубов и гордост“, порача градоначалникот.