СДСМ на Зоран Заев и на Венко Филипче сака капитулација, а не национално единство!

Со овој СДСМ нема разбирачка, а не пак обединување. Венко Филипче настапува со многу јасен капитулантски став – никој во Бугарија не го негира македонскиот идентитет, ајде веднаш да ги внесеме Бугарите во Уставот, по секоја цена. Тоа е продолжение на тезата на Зоран Заев, кој јавно застана на живковистички позиции и кажа дека ние и Бугарите сме „с'шт народ“. Како може да се обединиме со некој што не ги признава македонскиот идентитет, автохтоноста на македонската нација и нејзиниот историски континуитет?

182

Во јули 2021 година, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство од 95 гласови, македонскиот парламент усвои документ со наслов „Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции“. Тогаш владејачкиот СДСМ, веројатно со калкулација дека тоа може да му помогне да се спаси од очекуваниот пораз на локалните избори што претстоеја, ја прифати иницијативата и така беше постигнат широк политички и општествен консензус.

Веќе е подзаборавено дека таа Резолуција предвидува Македонија да води преговори со Бугарија на рамноправна основа, со почитување на меѓународното право, на автохтоноста на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Со овој документ, Македонија за прв пат обединето ги дефинира позициите кои ќе се бранат во спорот со Бугарија, од кои не би смеело да има отстапување, бидејќи тоа би значело нарушување на нашите национални и државни интереси.

Но, точно една година подоцна, во јули 2022, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, министер во владата предводена од „премиерот во сенка“ Зоран Заев, го потпиша Вториот протокол на Заедничката меѓувладина комисија, која вообичаено се нарекува и „историска“, бидејќи под бугарски диктат е фокусирана на историските „прашања“, кои произлегуваат од упорно инсистирање на Софија и формално да ги оспори македонскиот идентитет и историскиот континуитет на македонската нација пред 1944 година.

Би било добро Османи јавно да посведочи во какви околности го стави својот потпис до потписот на бугарската министерка Теодора Генчовска. Јас таа приказна ја знам од него. Ми ја раскажа на единствениот долг разговор што го водевме во четири очи, на кој Османи се потруди да ме убеди во неопходноста да се потпише протоколот, а јас се обидов да му објаснам колку е тоа штетно. Не го нарушувам мојот принцип на дискреција за содржината на разговорите од ваков вид и оставам Османи да сведочи за потпишувањето на Вториот протокол.

Инаку, како што анализира и Огнен Вангелов, поранешен член на Историската комисија на Македонија и професор на Американскиот колеџ во Скопје, во една скорешна знаменита статија на оваа тема, проблемот на Вториот протокол е што со него историските и идентитетските барања на Софија беа формално вградени во пристапниот процес. Тој документ – кој за среќа е само нератификуван записник и како таков е правно ништовен, па Уставниот суд мора да го поништи – ги конкретизира и ги проширува обврските надвор од рамките на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.

Да се дообјасниме. Спомнатиот Договор, „ремек-дело“ на Зоран Заев и на Бојко Борисов, во членот 12, годишните прегледи и мерките за ефективна имплементација, односно протоколите (записниците), ги поставува на ниво на Копенхашките критериуми и на другите клучни услови за пристапување на Македонија во ЕУ. Но, беше нужен потписот на шефот на македонската дипломатија на Вториот протокол, со кој таа обврска се инкорпорира и во Преговарачката рамка на ЕУ.

„Вториот протокол претставува суштинска промена во начинот на кој се применува условеноста во процесот на пристапување кон Европската Унија. Тој ги претвора нерешените историски и идентитетски спорови во трајни обврски што постојано се преоценуваат. Несогласувањето не се третира како нормален дел од научна или политичка дебата, туку како знак на недоволен напредок. Така, исполнувањето на условите не може да доведе до јасен крај без прифаќање на бугарската доктринарна позиција за македонскиот идентитет, а сè додека тоа не се случи, процесот останува во состојба на постојана проверка и притисок“, анализира професорот Вангелов.

Или, како што по потпишувањето на Вториот протокол егзалтирано ќе каже вториот човек на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, од тој момент Македонија и формално веќе не преговара со ЕУ за напредокот на реформите, туку преговара со Бугарија за историјата.

Крајно неодговорно од аспект на националните и државните интереси на Македонија, владата на СДСМ тогаш суштински се повлече од консензусот и од преземените обврски во парламентарната Резолуција усвоена една година порано и одлучи да капитулира. Немам никакво сомнение дека тоа беше сторено свесно, согласно со скандалозната теза дека Македонците и Бугарите се „с’шт народ“, која во една прилика и Заев ја изговори јавно.

Ја раскажувам оваа историја на бесчестието за да се разбере зошто сега доблесната и благородна порака за обединување, што ја упати премиерот Христијан Мицкоски на празникот 9 Мај, нема баш некоја голема смисла.

„Во нашата историја – рече Мицкоски – имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати, но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината, сме победувале“.

За жал, токму нашата историја, вклучително и поновата, е доминантно историја на поделби, предавства, капитулации и на порази. Верувам дека и за Мицкоски било очекувано овој СДСМ, предводен од Венко Филипче, експресно да ја отфрли подадената рака. Како што се случи.

Мисијата на Венко Филипче, како чувар на престолот на Бихаќка за „лидерот во сенка“ Зоран Заев, не е да се обединува, да гради принципиелни позиции во спорот со Бугарија и во процесот на пристапување кон ЕУ и да ги брани македонскиот идентитет и автохтоноста и историскиот континуитет на македонската нација. Филипче нема намера да се знимава со тие теми. Тој, едноставно, вели дека никој во Бугарија не го негира македонскиот идентитет и со сиот ум очекува да му веруваме.

Идејата на Филипче е овој СДСМ да остане на позициите за Зоран Заев и веројатно на неговите преземени обврски кон Бојко Љубави Борисов. Тие обврски се сведуваат на прифаќањето на живковистичките тези дека договорената „заедничка историја“ меѓу Македонија и Бугарија е всушност бугарска и дека Македонците пред 1944 година, едноставно, се Бугари.

Затоа Венко Филипче и неговата екипа на Бихаќка денес настапуваат со многу јасен капитулантски став – никој во Бугарија не го негира македонскиот идентитет, ајде веднаш да ги внесеме Бугарите во Уставот, по секоја цена!

Стотици илјади членови и симпатизери на СДСМ одамна ја препознаа таа погубна политика на раководството и ја казнија својата партија во последните изборни циклуси. Пристојните и стамени луѓе, симпатизери на СДСМ, сфатија дека Заев и неговите чувари на тронот не сакаат обединување и одбрана на македонскиот идентитет, туку сакаат уште една капитулација на Македонија под бугарски диктат.

Венко Филипче беше дел, а сега е и предводник на таа политика, погубна и за СДСМ, но и за Македонија. Да собереше храброст да ја напушти, да застане на македонски позии, како што доликува, СДСМ денес нема да беше на ова дереџе. Но ете…

Жалам што е така и што апелот на премиерот СДСМ грубо го отфрли. Но, народот вели, секое зло за добро е. Во случајов, доброто е тоа што Христијан Мицкоски конечно мора да се помири со фактот дека со овој СДСМ нема ни обединување ни разбирачка.

ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери, заедно со сите политички сили кои сакаат Македонија да влезе во ЕУ на нозе а не клекната на колена и понижена, мора самите да го обноват консензусот, да ги реафирмираат позициите од Резолуцијата од 2021 година и на таа основа да дизајнираат уставни гаранции за македонскиот идентитет и за почитување на автохтоноста и на историскиот континуитет на македонската нација. Тоа е она што треба да им се понуди и на Брисел и на Софија, како единствена и гранитно цврста основа за разговор за проектот „Бугари во Уставот“.

Овој СДСМ не сака да биде дел од тој консензус.

Овој СДСМ е целосно и трагично приклонет кон позициите на Софија.

Тоа е една од крупните причини поради која овој СДСМ е маргинализиран и непочитуван и од голем дел од своите некогашни приврзаници, кои не можат да прифатат дека нивните мајки и татковци и баби и дедовци, родени пред 1944 година, биле Бугари и дека ние Македонците и Бугарите сме биле „с’шт народ“, како што нè убедуваше Заев.

На таа срамна изјава, која е и позиција на СДСМ, може да се потсетите ако кликнете на овој ЛИНК.

Мене ми е срам да го постирам тоа видео на ова место.

Поврзани содржини