КОВИД ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО Е ИЗГРАДЕН СПОРЕД СИТЕ СТАНДАРДИ Експертите и истрагата ќе ги утврдат причините за несреќата
Министерството за здравство ќе ги стави сите документи поврзани со изградбата и техкичкиот прием на ковид центарот на увид на јавноста уште денеска.
Министерството за здравство информира дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.Тоа важи и за тетовската модуларна болница која е градена според стандарди и е пуштена во работа по извршен технички прием.
Информацијата на Министерството за здравство дојде откако изутринава се појавија информации во медиумите и на социјалните мрежи дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот во модуларната болница во Тетово,
– Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени по технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Министерството за здравство информира дека ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита – велат од МЗ.
Оттаму додаваат дека пред да биде пуштена во употреба во болницата е извршен технички прием.
– При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти – велат од МЗ.
Документи, додаваат од Министерството за здравство ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска.
Министерството тврди и дека ковид центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.
Оттаму и со апел да не се шпекулира со информациите.
– Министерството за здравсто очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид центри беа и сѐ уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот – велат од Министерството за здравство.