Зачука ново срце кај 39-годишна жена, по трет пат донор беше жена

Ова е прва жена кај нас што доби ново срце. Во сите три случаја донорите на срце беа жени. Операцијата траеше околу 5 часа и беше изведена во просториите на државната кардиохирургија.

740

Зачука новото срце кај 39-годишна жена која доби срце од починат донор. Веста дека операцијата е завршена прв ја објави д-р Жан Митрев.

„Кога е човечки живот во прашање не е важно дали е ден или ноќ, викенд или работен ден. Согласно претходно извршените подготовки, рано утрово околу 6:30 часот тимот кардиохирурзи го почна оперативниот зафат со цел трансплантација на срце од починат донор. Во просториите на државната кардиохирургија академик д-р Жан Митрев заедно со д-р Никола Христов и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија придружени од анестезиолозите, како и тим на перфузонисти, инструментари, медицински сестри ја изведоа оваа операција која траеше околу 5 часа со што и официјално успешно беше извршена третата трансплантација направена во нашата земја. Станува збор за 40-годишна жена чие семејство даде согласност, нејзиното срце да продолжи да чука во градите на 32-годишна жена“, објави д-р Митрев.






Во текот на денот се очекуваат уште две бубрежни трансплантации.

Митрев изрази голема благодарност до сите останати доктори од кардиохирургија кои учествуваа во процесот, како и на другите членови на тимот од Клиничката болница „Жан Митрев“: д-р Тања Анѓушева, Александра Темелковска и Катерина Ристовска-Јанев.

„Секако голема благодарност на доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, националната координаторка за трансплантација, Министерство за здравство и Венко Филипче“, нагласи Митрев.

Ова е прва жена кај нас што доби ново срце и трета успешна трансплантација на срце. Во сите три случаја донорите на срце беа жени. Досега двајца мажи добија ново срце.

И министерот за здравство Венко Филипче објави дека завршила третата транспланатција на срце.

„Почна да чука новото срце во градите на 39-годишната жена на која утрово ѝ беше извршена трансплантација. Тешката операција траеше 5 часа. На пациентката ѝ посакувам побрзо опоравување“ напиша Филипче.

„Операцијата беше извршена врз 39-годишна жена, со вродена срцева маана, кoја подолго време чекаше донор. Станува збор за тешка операција, која траеше 5 часа, а поради сериозноста на истата, следните 48 часа се критични за пациентката“, соопшти Министерството за здравство.

Поврзани содржини
na