Македонците што успеале во странство ќе се вмрежат со М Карта и ќе добијат привилегии во земјава
М Карта претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска го претстави проектот М Карта, наменет за граѓани со потекло од Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници.
М Карта претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство.
– Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин – да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, претставувајќи нѐ како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе. Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови – рече Османи денеска на прес конференција.
Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со М Картата ќе го координира Министерството за надворешни работи.
Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси и слично. Во соработка со други владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности.
Планирано е откривањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето на картата ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.