НАЈВИСОКИ ОЦЕНИ ОД ЕУ ЗА НАДВОРЕШНАТА, БЕЗБЕДНОСНАТА И ОДБРАНБЕНАТА ПОЛИТИКА Европската комисија потврди дека Македонија е доверлив партнер

Оценките на Европската комисија претставуваат уште една потврда за јасната надворешнополитичка ориентација на државата, нејзината кредибилност како партнер на Европската Унија и доследната определба за полноправно членство во Унијата, соопшти МНР.

0

Европската комисија во Извештајот за 2026 година повторно највисоко ја оценува надворешната, безбедносната и одбранбената политика на нашата држава, констатирајќи добро ниво на подготвеност и добар напредок во Поглавјето 31, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Особено се истакнува задржаната целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЗНБП), вклучително и со изјавите на високиот претставник во име на ЕУ и одлуките на Советот за рестриктивни мерки. Европската комисија оценува дека ваквата усогласеност испраќа силен сигнал за стратешкиот избор за членство во Унијата и ја потврдува нашата држава како доверлив партнер“, соопшти МНР.






Добро ниво на подготвеност е констатирано и во Поглавјето 30 – „Надворешни односи“, при што се нотира тесното усогласување со трговската политика на ЕУ и активното учество во регионалната економска соработка, се додава во соопштението.

„Во практична смисла, целосната усогласеност со ЗНБП подразбира придружување кон официјалните позиции на Европската Унија за меѓународни прашања, како и усогласување со одлуките на Советот на ЕУ за рестриктивни мерки. Во Извештајот е констатирано и дека препораките од минатата година се во голема мера спроведени, а земјата продолжила активно да учествува во политичкиот дијалог со Европската Унија за надворешни и безбедносни прашања. Во април 2026 година, во Брисел беше одржана и втората сесија на Дијалогот за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Северна Македонија. Позитивно е нотирана и зголемената одбранбена подготвеност, како и значителната хуманитарна, одбранбена и друга поддршка за Украина. Во јули 2026 година нашата држава се приклучи и кон Коалицијата на подготвените“, соопшти МНР.

Европската комисија го препознава и активниот ангажман во мултилатералните организации, вклучително и во рамките на Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ, како и редовното усогласување со повеќето позиции на Европската Унија во Обединетите нации и другите меѓународни организации, се додава во соопштението.

„Во тој контекст, во Извештајот се нотира и првиот избор на нашата држава во Економско-социјалниот совет на Обединетите нации за мандатот 2027–2029 година, како и членството во Советот за човекови права за периодот 2025–2027 година. Оценките на Европската комисија претставуваат уште една потврда за јасната надворешнополитичка ориентација на државата, нејзината кредибилност како партнер на Европската Унија и доследната определба за полноправно членство во Унијата“, соопшти МНР.

Поврзани содржини