📽️ ХИЏИКАТА ГО ИЗНЕНАДИ ЃОКОВИЌ ВО ПАРИЗ „Не сум свеж, но тоа не е оправдување“
Српскиот тенисер го освои првиот сет против Ринки Хиџиката, но Австралијанецот направи пресврт и славеше со 2:1. Поразот го остави Ѓоковиќ без шанси за настап на завршниот Мастерс во Торино.
Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ неочекувано испадна од Мастерсот во Париз, откако загуби од австралискиот квалификант Ринки Хиџиката со 6:2, 3:6, 3:6. По поразот, кој го остави без шанси за настап на завршниот турнир во Торино, српскиот тенисер призна дека целосно ја изгубил контролата врз мечот, иако верувал дека требало да победи.
– Требаше да победам, одиграв добро во првиот сет, но потоа целосно ја изгубив контролата врз мечот – изјави Ѓоковиќ.
Србинот убедливо го доби првиот сет со 6:2 и продолжи со добра игра на почетокот од вториот. Но Хиџиката постепено го презеде водството во размените, го доби вториот сет со 6:3, а со истиот резултат славеше и во решавачкиот трет сет.
Натпреварот траеше нешто повеќе од два часа, а Ѓоковиќ по елиминацијата призна дека противникот заслужено победил.
– Имав чувство дека доминирам во текот на првиот сет и уште неколку гејма во вториот, но потоа тој го подигна нивото на својата игра. Јас не сервирав толку добро, а искрено кажано, тој одигра неверојатно. Речиси и да не промаши удар, ја држеше топката ниско и прикажа извонредна игра – рече Ѓоковиќ.
Career-defining win for Rinky Hijikata 👏
He upsets Novak Djokovic in Paris.
#RolexParisMasters https://t.co/Fy6e6ZKjj7
— Tennis Channel (@TennisChannel) November 4, 2026
Тој жали и за пропуштените можности во решавачкиот сет, но не бара оправдување за поразот.
– Штета што не ги искористив шансите во третиот сет, но мислам дека неговата победа е сосема заслужена – додаде Србинот.
Поразот во Париз значи и предвремен крај на сезоната за Ѓоковиќ. Тој призна дека чувствува замор, но нагласи дека тоа не ја намалува вредноста на победата на Хиџиката.
– Не се чувствувам баш свежо во оваа фаза од сезоната, но тоа не е оправдување за поразот. Планот сега е само да одмарам, навистина ќе се радувам на одморот што следи – изјави Ѓоковиќ.
Од друга страна, Хиџиката вели дека победата над Ѓоковиќ е и прашање на среќа:
– Искрено, не бев сигурен дали ќе можам да излезам на теренот денес, па затоа бев среќен што можев да играм. Се обидов да се држам цврсто, имав среќа во неколку големи поени и го одржав моето ниво онолку долго колку што можев.
На турнирот во Париз претходно беше елиминиран и германскиот тенисер Александар Зверев, со што продолжи серијата изненадувања меѓу фаворитите.
Зверев изгуби од Италијанецот Лоренцо Музети, кој го победи со 7:6 (7:5), 6:2.