МАСК ГИ РАЗБИ ШПЕКУЛАЦИИТЕ ПО ИЗБОРИТЕ „Епа не проработеа ласерите за местење!“
Милијардерот, кој вложи стотици милиони долари во поддршка на републиканците, иронично одговори на теориите за изборни манипулации. Неговата втора порака беше за центрите за податоци во вселената, идеја што сериозно ја разгледува.
Милијардерот Илон Маск се пошегува и ги разби теориите на заговор за местење избори, откако демократите остварија победи на изборите за американскиот Конгрес. Најбогатиот човек во светот, кој беше меѓу најголемите финансиски поддржувачи на републиканските кандидати, објави иронична порака на социјалната мрежа Икс.
„Изгледа дека моите вселенски ласери за местење избори овојпат не проработеа“, напиша Маск.
Милијардерот вложи стотици милиони долари во републиканската кампања, а особено во изборната трка во Тексас, каде што републиканецот Кен Пакстон, поддржан и од американскиот претседател Доналд Трамп, загуби од демократот Џејмс Таларико.
Маск објави и друга порака, која на прв поглед изгледа како продолжение на шегата.
„Центрите за податоци во вселената во моментов изгледаат прилично привлечно“, напиша тој.
Изградбата на огромни центри за податоци стана политичко прашање во САД поради нивната потрошувачка на електрична енергија и вода.
Дел од демократските кандидати на изборите се залагаа за ограничување или привремено запирање на новите проекти, поради загриженоста на локалните заедници за цените на струјата и влијанието врз животната средина.
Маск одамна ја застапува идејата компјутерските сервери за вештачка интелигенција да се поставуваат на сателити во Земјината орбита, каде што би користеле сончева енергија.
Неговата компанија „Спејс икс“ има технологија што би можела да се искористи за такви проекти, но остануваат сериозни пречки, особено ладењето на опремата во вакуум, високите трошоци и опасноста од вселенски отпад.