Протоколи за една најавена масовна смрт

Зошто Македонија не ги почитува препораките на СЗО за изолација на заразените од ковид-19 во определени и опремени институции, како што се пренаменети хотели, стадиони, спортски сали или болнички капацитети? Зошто на матичните лекари и на семејствата на заболените на плеќите им се става товар што објективно не можат да го носат? Што треба уште да се случи за да се размислува за промена на старите протоколи, смислени во времето кога кревавме паника на 20 или 30 новозаразени дневно?

27,636

Ако денеска во Скопје има 440 пациенти на инфективните оддели, а вкупно со хоспитализираните во земјава се 1.271 и да речеме дека уште толку пациенти кои се лекуваат дома се во средно тешка ситуација и во моментов им е потребна 24-часовна лекарска грижа, прашањето е дали нашиот здравствен систем може да згрижи толку луѓе одеднаш и со тоа да се обиде да го забави растот на смртните исходи од ковид-19. Дека може – тоа е сигурно, дали има соодветен кадар – тоа не знаеме.

A кое беше мотото на медицината? Подобро да се спречи отколку да се лечи.






Само среќа, сега ни парите многу не помагаат…

Како што најави министерот Венко Филипче неодамна, така веќе и се случува – ќе се доведеме во ситуација целиот здравствен систем да лекува само една патологија. Прашањето е зошто да се лекуваат тешко болни пациенти со ковид-19, наместо да се почне да се згрижуваат пациенти со средно-тешка слика и да се направи обид да се спречи смртноста, колку што се може. А при тоа да се остави простор за лекување и на други животозагрозувачки болести.

Да видиме како актуелните протоколи за лекување на пациенти со ковид-19 во домашни услови, кои се повикуваат на Светската здравствена организиција (СЗО), македонскиoт здравствен систем, таков каков што е, како и домашната здравствена стратегија, го најавуваат смртниот исход на тешко болните пациенти и во која насока треба да се смени стратегијата на лекување.

Според сегашниот алгоритам за лекување на пациентите со ковид-19, ако на пациентот му се влоши здравствената состојба, тој треба да чека матичниот лекар да процени (преку телефон?!) дали е за хоспитализација или не е. Потоа матичниот пријавува во Итна помош, која бара слободен кревет во соодветна машка или женска соба, што може да потрае до три часа, па оди да го преземе пациентот од дома, за да го однесе во некој од ковид-центрите.

А таму, според сведоштва на пациентите, пациентот може да се соочи со хаос, со неорганизираност и со кадар неискусен за справување со оваа болест. Освен ако пациентот немал среќа или врски да биде хоспитализиран на Инфективната клиника или во ГОБ „8 Септември“. Дури и ако имате пари, сега не можете туку-така да се лекувате во приватните болници, зашто и таму капацитетите се исполнети и има листи на чекање.

„Пациентите кои имаат симптоми на ковид-19 се во постојан контакт со матичните лекари, кои имаат добиено алгоритам од инфектолози од Клиниката за инфективни болести и според него, според клиничката слика и анализите од крвната слика, лекарите прават проценка дали пациентот треба да се хоспитализира во даден момент. Ако се направи проценка дека е потребна хоспитализација, се повикува Брза помош која ќе го транспортира пациентот до ковид центарот каде има место. Доколку и семејството го однесе пациентот, секако нема да биде вратен, но матичнот лекар мора да провери во кој центар да го упати“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Данок на изгубеното драгоцено време…

Доколку пациентите со средна или со средно-тешка клиничка слика, или тие со познати коморбидитети, се хоспитализираат во првите денови, по потврден позитивен тест и ако им се пружи соодветна антивирусна терапија, која кај нас сѐ уште се дава само во болнички услови, кислородна поддршка и слично, на пациентот му се даваат поголеми шанси за излекување и за преживување. А за да се овозможи ова, треба да се отворат големи капацитети за лекување, како што се спортски сали, касарни и други, каде постојано би се примале пациенти, кои би биле под постојан медицински надзор.

Што се прави сега?

Сега, додека пациентите се лекуваат од далечина, се остава простор да се пропуштат одредени знаци, симптоми, сигнали кои упатуваат на влошување на ситуацијата. Сега се губи драгоцено време додека да се добие матичниот лекар на телефон, за тој да процени дека болниот треба да се однесе во болница. Сега се бара место повеќе, место за дишење. За сето тоа изгубено а драгоцено време, на пациентот состојбата само му се влошува. Му паѓа сатурацијата, односно снабденоста на крвта со кислород, се бори за здив и така речи, со една нога во гроб, чека да биде однесен во болница, практично на оживување и реанимација. Па, кој има среќа, ќе преживее…

Лекувањето дома ги зголемува и заразноста и смртноста

Освен тоа, членовите на семејството треба да се обучени да ги препознаат првите знаци на влошување – лесна главоболка, отежнато дишење, градна болка, дехидрираност итн. Кој во земјава има толку висока здравствена култура, за да ги препознава на време првите знаци на опасност, за една болест која и за врвната наука сѐ уште е енигма? Првата помисла на сите лаици е „ај ќе помине“, „не знам дали е ова доволно страшно“… Но, при тоа, тие не знаат дека секој миг е неповратно изгубен во битката со опаката болест.

Многу важен аспект на проблемот на лекувањето на пациентите дома е неможноста на сите во домот на заболениот да создадат елементарни  услови (посебна соба за изолирање) и да се изолираат оние членови на семејството кои имаат хронични болести и коморбидитети. Како да се заштитат тие луѓе од зараза и од потенцијална смрт? Каде да одат? Каде чаре да бараат?

Ова е дополнителен аспект поради кој мора да се размислува за можностите заболените да се лекуваат надвор од домот и при тоа да не го загрозуваат здравјето на своите најблиски. И СЗО предупредува дека лекувањето дома го зголемува ризикот од пренесување на болеста.

Изолацијата на инфицираните со SARS-CoV-2, кој предизвикува ковид-19, може значајно да придонесе во кинење на синџирот на трансмисија на вирусот. Ако во домот има ранливи лица и нема можност да се издвојат од пациентот, здравствените работници треба да овозможат алтернативна локација за изолација на пациентот во определени и опремени институции, како што се пренаменети хотели, стадиони, спортски сали или болнички капацитети, препорачува СЗО во упатствата за лекување на пациенти со ковид-19, кои се последно ажурирани на 12 август 2020 година.

Меѓу другите препораки на СЗО е да се хоспитализира пациент со висок ризик на влошување на состојбата. А во високоризични спаѓаат: лица постари од 60 години, лица со дијабетес, висок притисок, кардиолошки болести, хронични белодробни и бубрежни болести, рак, церебро-васкуларни и имуносупресивни болести, како и пушење. Како и да е, лицата кои веќе имаат познати коморбидитети треба подетално да се следат од нивните матични лекари.

Една мала справа живот спасува, ама кој да ви каже…

Клучно прашање во лекувањето дома е следењето на кислородот во крвта. Иако СЗО го препорачува, нашето Министерство за здравство досега не било воопшто гласно околу тоа дека е важно секој што се лекува дома да има пулсоксиметар, за самиот да си го мери кислородот во крвта. Кај нас лекциите се учат од паталци, лоши и добри искуства се споделуваат на социјалните мрежи, каде се отвораат групи за поддршка. Дури и на прашањето на Плусинфо дали пациентите треба дома да си мерат сатурација во крвта за да знаат кога да се јават во болница и која е границата на сатурацијата која е критична, директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ во октомври кусо ни одговори:

– Пулсоксиметар не е неопходен, секако можат да го имаат.

„Домашниот пулсоксиметар е сигурен и неинвазивен начин да се мери кислородот во крвта и може рано да идентфикува ниско ниво на кислород кај пациентите со средна слика или тивка хипоксија, кога пациентот нема краток здив, но неговото ниво на кислород е пониско од очекуваното. Домашниот пулсоксиметар им покажува на пациентите дали има потреба од лекарски преглед, кислородна терапија или хоспитализација дури и пред тие да покажат опасни клинички знаци или симптоми на влошување“, се наведува во протоколите на СЗО од 27 мај 2020 година.

СЗО препорачува пациентите дома сами да си мерат и да алармираат ако сатурацијата им е 90 или под 90. „Препорачуваме итно давање на кислородна терапија на секој пациент со или без знаци на влошување кој има сатурација помала од 90“, наведува СЗО. „…Секако може да го имаат“. Та толку ли е скапо и тешко државата да набави доволно пулсоксиметри, за да ги има секој пациент во текот на лекувањето?

Како да се излезе од спиралата на немоќта?

Следен аспект на промена во процесот на лекувањето, за кој веќе Плусинфо пишуваше, е да им се одобри на матичните лекари да препишуваат антивирусна терапија со лекот фавипиравир („фавира“ од турско производство). Беше најавено дека оваа недела ќе се донесе одлука за увоз на овој лек и протокол за негово користење и надвор од болнички услови, со цел уште во првите денови да им се олеснат симптомите на заболените кои се лекуваат во домашни услови и како краен исход, да се намали притисокот врз ковид-центрите и да се намали смртноста. Засега, ништо не се случува.

Пропустите во лекувањето, недоволната транспарентност на Министерството за здравство, слабата комуникација со јавноста за битните прашања, недоволно објаснетите препораки, релативно тивките и невидливи стручни кадри, политизирањето на здравствената криза, дефокусирање со заобиколни решенија, заостанување и доцнење пред очекуваниот есенски бран – сево ова доведе не само до катастрофални бројки, туку и до збунетост и чувство на безизлез кај граѓаните, кои се потенцијални пациенти.

Граѓаните покажаа дека не можат сами, свесни се дека има скептици и недисциплинирани, затоа сега речиси секој смета дека е подобро да се воведат карантин, строги мерки, казни. Но, и државата покажа дека не може, зашто самата не ги почитува сопствените закони, а богами ниту сопствените граѓани. Вистинско време е со вистински мерки да им покаже на здравствените осигуреници дека животот сепак не е залуден.

Поврзани содржини