📷 ТРГНА ИЛИНДЕНСКИОТ КОЊАНИЧКИ МАРШ КОН КРУШЕВО На 40 коњаници од Скопје, ќе им се придружат и учесници од Свети Николе, Кичево и од Битола

Со гордост и почит им посакавме среќен пат кон Крушево, каде што и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите што ја вградија својата жртва во македонската слобода, објави премиерот Христијан Мицкоски, која оваа година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, е покровител на настанот.

0

Од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче, попладнево околу 40 коњаници, меѓу кои и 5 девојки, тргнаа кон Крушево, продолжувајќи ја речиси петдецениската традиција посветена на чествувањето на Илинден и на македонските херои. Првата дестинација вечерва им е Долно Лисиче по што утре ќе го продолжат патот кон Петровец и кон Велес. На Илинден, на 2 август, ќе пристигнат во Крушево.

На 31 јули, коњаниците од Горно Лисиче ќе се обединат со учесниците од Свети Николе, Кичево и од Битола, испраќајќи силна порака за единство, почитување на традицијата и зачувување на македонското историско наследство.






На испраќањето на коњаниците на 48. Традиционален илинденски коњички марш присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

„Со гордост и почит им посакавме среќен пат кон Крушево, каде што и оваа година ќе им оддадат почит на илинденците и на сите што ја вградија својата жртва во македонската слобода. Нека нивниот пат биде безбеден, а традицијата што ја негуваат продолжи да ги обединува сегашните и идните генерации“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

 

Тој, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, оваа година е покровител на манифестацијата.

На настанот присуствуваа повеќе министри и градоначалници. Архиепископот г.г. Стефан им даде благослов на учесниците во Маршот.

На настанот му беше доделена благодарница на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

„Со гордост и почит кон нашата историја, денеска ја испративме нашата коњаница на Илинденски марш кон славното Крушево, под покровителство на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Илинден е симбол на македонската борба за слобода, државност и достоинство, а коњаниците, продолжувајќи ја долгогодишната традиција на војводите и комитите, ја носат пораката за храброста и пожртвуваноста на илинденците и заветот што тие ни го оставија“, објави Андоновски.

 

Поврзани содржини