СЛУЧАЈОТ СО ГОСТИВАР Е НЕОДГОВОРНО ЧОВЕЧКО ОДНЕСУВАЊЕ, ОЦЕНИ МИЦКОСКИ Повика партиите да не шират хистерија
Се надевам дека вакви случаи нема да се случуваат во иднина. Обвинителството си ја врши својата работа, сега ќе видиме кој сè е одговорен, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Надлежните за состојбите со водата во Гостивар се консултираат со експерти, во општината веќе водата може да се користи за технички потреби, а наскоро се очекува и за пиење, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Партиите не треба шират хистерија, потенцира тој.
– На сите треба да ни е јасно дека станува збор за одговорност која што е на општината и тоа е многу важно да се констатира, бидејќи тие услуги се исклучиво одговорност на општината. Има начин како општината комуницира со државните институции во делот на проверки и слично. Што се однесува до Гостивар од денеска има веќе техничка вода, изминативе неколку денови параметрите беа позитивни, велам во насока на тоа дека инсталациите се прочистени, односно хиперхлорирани и денеска веќе можат граѓаните да ја користат за техничка употреба, не за пиење и за готвење – изјави премиерот Мицкоски во интервју за подкастот „Риштази“.
Додаде дека се очекува овој процес на хиперхлорирање ќе продолжи во деновите што следат.
– Да речеме во втората половина од оваа недела да може истата вода да се користи и за пиење и за подготвување на храна – рече Мицкоски.
Во врска со одговорноста, премиерот Мицкоски посочи на директорот на конкретното јавно комунално претпријатие, кое, како што нагласи, не го поставува Владата, туку други центри, во случајот – градоначалникот и додаде дека Обвинителството си ја врши својата работа за да одреди одговорност.
– На тој начин неодговорно да се однесувате, тоа е нешто кое најмалку може да се очекува. Дека човек кој е поставен да ја води таа институција ќе се однесува на тој начин како што таму се однесувале неколку луѓе, не еден човек… Вие не можете да донесете одлука и таа одлука да ја спроведете сам без притоа да добиете налог или да повикате помош од одредени луѓе за логистика. Во случајов имаме човечко несовесно однесување – потенцираше Мицкоски.
Нагласи дека во неговиот тим е опкружен со експерти за кои се консултира за состојбите и чии совети ги користи. Посочи и дека брзо се реагираше за да се обезбеди питка вода за пиење.
Мицкоски упати благодарност до граѓаните и компаниите кои донираа вода, но и на сите кои имаат трпение.
– Благодарност и до Град Скопје и Јавното претпријатие „Водовод“ кое со свој тим учествуваше во хиперхлорирањето за обезбедување техничка вода и до сите кои имаат трпение. Се надевам дека вакви случаи нема да се случуваат во иднина. Обвинителството си ја врши својата работа, сега ќе видиме кој сè е одговорен – изјави премиерот Мицкоски.