Како „невидливата“ вредност да стане видлива?

Колкумина граѓани на Скопје знаат дека во Претседателската вила на Водно се наоѓа мозаикот „Сончева земја“ – ремек дело на сликарот Глигор Чемерски, што би го посакала секоја претседателска резиденција во светот?

182

Потенцијалниот „случај“ со таканаречениот „билборд за добредојде“ покажа неколку важни нешта. Прво, дека актуелниот градоначалник умее да прифати критика од јавноста и веднаш да реагира со корекција на грешката. И тоа не е баш така чест случај во македонската политика. Второ, „случајот“ покажа дека јавноста може да изврши конструктивен притисок во позитивна насока, што исто така не се случува секојдневно кај нас.

Но, мислам дека најважен аспект на овој „случај“ е со децении непоставеното прашање: кои се вистинските културни вредности на Скопје? Или, поинаку поставено, кои се „вредностите“ што на граѓанинот, но и на гостинот, му ги нудат (не само) градските власти?






Зашто вредност не е само она што е видливо, или подметнато да биде видливо. Вредност не е само она што е големо или предимензионирано за да остава впечаток на вредност. Скопје, и не само Скопје, има (и) скриени, „невидливи“ односно непопуларизирани вредности коишто многу полесно и побргу би привлекле внимание кај посетителот. Или, ако сакате, дали навистина чудовишниот „Воин на коњ“ е едно од најважните обележја на главниот град? Или онаа хистерично смешна „неокласична“ градба што глуми Археолошки музеј?

Секој сличен билборд за Амстердам, на пример, не би можел да помине во јавноста ако меѓу сите обележја на градот нема дела од Рембрант или Ван Гог. Париз, покрај Ајфеловата кула и редица други градби, за туристите веројатно не би бил тоа што е без една „Мона Лиза“ или дело од Пикасо… Препознатливото лице на еден град, па и на Скопје, го градат највредните културни и уметнички нешта во него, а не најголемите по димензаии!

За живо чудо, и Скопје има еден Пикасо, но во Музејот на современата уметност. Додуша невидлив, „сокриен“, но сепак. Колкумина граѓани во Скопје, или странци, знаат за тоа? Десет, дваесет, стотина…? Но другите стотици илјади ли се виновни што тоа дело – и не само тоа – никогаш и не можеле да го видат во некаква постојана поставка во Музејот? И може ли некој да објасни како може да постои толкав музеј со такви дела, но без постојана поставка?

Или, колкумина граѓани на Скопје знаат дека во Претседателската вила на Водно се наоѓа мозаикот „Сончева земја“ – ремек дело на сликарот Глигор Чемерски, што би го посакала секоја претседателска резиденција во светот? Се разбира, претседателската вила е објект со посебен режим, но зарем не може еден ден во неделата да биде отворен за посета токму на овој мозаик? Дури да го посети и само еден човек дневно, доволно е! Бидејќи, имено, не можете да очекувате култура, уметност и цивилизациски вредности од луѓе кои растат во пазувите на некултурата, кичот, провинцијата, простотилакот…, кои одамна не умеат да препознаат уметност и вредност зашто некој постојано им нуди – нешто друго! Оттука, не можеме граѓанинот да го обвиниме за сето она што го опкружува и му се продава како лажна вредност. Тој може да има дел од вината како соучесник во злосторството, но во многу мал процент.

Или, понатаму: кога последен пат сте слушнале за црквата „Св. Пантелејмон“ кај Нерези и нејзините велелепни фрески, меѓу нив и „Оплакувањето на Христа“ како предвесник на европската Ренесанса? Или црквата „Св. Спас“ со иконостасот? И зошто дел од таа фреска не би била предизвик за еден „билборд за добредојде“? Или фигурината на „Големата мајка“, на пример, што „се крие“ во оној велелепен кич покрај Вардар?

Или, иако не се „сокриени“ како претходните, кој воопшто денес говори за архитектонските вредности на еден Даут пашин амам или Чифте амам? Или Турбето во Гази Баба? Или, ако баш сакате, како може оној монструозен кич извишен во центарот на градот да биде репрезентативна вредност на Скопје наместо, на пример, споменикот на Св. Климент пред НУБ од Хаџи Бошков?

Поентата на таквите билборди, но и на овој текст е да упати на вистинските културни вредности на градот а не да популаризира производи на една културна деградација што некој некогаш сакал да ни ги поттури како културна политика. Дури и оние самопрогласени провинциски елитисти кои украдоа цели седум години по основ на ветувањата за справување со „Скопје 2014“ сега најбезобразно се огласуваат. А токму тие должат одговори наместо да ги хушкаат граѓаните и да им диктираат некаква профашистичка „врвна граѓанска одговорност и историска должност“! Па згора и се жалат дека некој „инжинира перцепции дека ’сите се исти’“!

Оттука, генерации и генерации ќе го носат бремето на справувањето со вредностите и „вредностите“, со уметноста и кичот, со културата и провинцијализмот… Ќе мора да најдат начин како да ги направат видливи вистинските вредности, а да го отстранат кичот. Или барем да го направат невидлив!

Извор: Теодосиевски уметност 

Поврзани содржини