ОБЈАВЕНИ ПУНКТОВИТЕ КАДЕ ГОСТИВАРЦИ МОЖАТ ДА НАПОЛНАТ БЕЗБЕДНА ВОДА Доставени се цистерни со 76.000 литри вода
Дистрибуцијата на водата ќе биде на локациите: Водостопанство Гостивар, градинка „Пролет“, Средното економско училиште Гостивар, ЈП Национални шуми - подружница Шар Гостивар, АД ЕСМ подружница кај гаражите, Општа болница Гостивар и територијалната противпожарна единица Гостивар.
За населението во Гостивар каде што е прогласена епидемија денеска ќе бидат обезбедени три шлепери со 76 илјади литри вода, во наредните денови количината ќе се зголемува зависно од потребите, а ако треба ќе бидат вклучени и цистерни со вода, информира денеска на прес-конференција Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, кој ги презентраше и локациите каде ќе се дистрибуира водата.
Томовски уверува дека од првиот момент кога е пријавена состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Владата е во постојана и директна координација со сите надлежни институции и оти внимателно го следи развојот на настаните во секој момент.
– Покрај институционалната одговорност, постапките на надлежните органи, спроведување на сите неопходни контроли и лабораториски анализи, Владата интервентно одлучи за обезбедување на 50 литри питка вода за пиење којашто ќе биде доставена секој ден на граѓаните во Гостивар. Оваа мерка започнува од денес и ќе продолжи во наредните неколку денови со цел да се обезбедат основните потреби на населението, додека траат мерките и препораките на институциите – најави Томовски.
Тој соопшти дека дистрибуцијата на водата ќе биде на локациите: Водостопанство Гостивар, градинка „Пролет“, Средното економско училиште Гостивар, ЈП Национални шуми – подружница Шар Гостивар, АД ЕСМ подружница кај гаражите, Општа болница Гостивар и територијалната противпожарна единица Гостивар – информира денеска на прес-конференција директорот ан СОЗР Ивица Топомовски. Доколку има потреба локациите ќе бидат проширувани.
Дополнително, водата ќе се доставува директно до градинките и до болницата во Гостивар за да се обезбеди непречено функционирање на овие клучни институции, заштита на најранливите категории, децата и пациентите.
Според Томовски, истовремено, сите надлежни институции продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за целосно утврдување на причините за настанатата ситуација.
– Очекуваме брзо и целосно расчистување на случајот, секој за кого ќе се утврди одговорност ќе сноси строга одговорност согласно законот – порача директорот на СОЗР Томовски.
Апелира до сите граѓани да ги почитуваат препораките издадени од надлежните институции. Информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, Владата, Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и институциите коишто се занимаваат со оваа проблематика. На тој начин, укажа директорот на СОЗР, ќе се обезбедат навремени и точни информации.
– Приоритет на Владата останува заштитата на здравјето на граѓаните, брзата институционална реакција и целосно надминување на оваа состојба – посочи Томовски, истакнувајќи дека Владата ќе продолжи да презема се што е потребно за да се за да се обезбеди поддршка се до нормализирање на ситуацијата со водоснабдувањето.
На новинарско прашање дали најавените количини се доволни посочи дека ќе се зголемуваат зависно од потребите.
– Првиот ден стартуваме со 50 литри, зависно од тоа колку ќе има потреба во текот на деновите ако има потреба ќе се зголемува количината. Конкретно, во текот на денот ќе бидат доставени три шлепери со вода, понеделнички ќе има 76 тони вода, односно 76 илјади литри. Не се исклучува можност доколку има потреба да се вклучат цистерни, населението да не се грижи. Се што е потребно ќе обезбедиме како Влада за непречено функционирање, рече Томовски.