📷 МАКЕДОНИЈА СЕ ПОКЛОНИ ПРЕД ЖРТВИТЕ НА РАЗОРНИОТ СКОПСКИ ЗЕМЈОТРЕС ОД 1963 Болните сеќавања како поттик за градење посветла иднина

Денес, наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

1

По повод 63 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, сабајлево, делегација на Град Скопје и на Владата положија цвеќиња пред Споменикот на жртвите, оддавајќи им почит на загинатите во трагедијата од 26 јули 1963 година. По тој повод, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека Скопје, и по шест децении, се сеќава на жртвите од земјотресот што на 26 јули 1963 година, во 5:17 часот, однесе повеќе од илјада животи и зад себе остави разурнати домови и разделени семејства.






– За само неколку секунди беа згаснати повеќе од илјада човечки животи, разурнати домови и разделени семејства. Зад секоја бројка остана нечие дете, родител, сопруг, пријател, нечиј цел свет. Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите. Нивната болка е вградена во темелите на нашиот град, а обврската да не ги заборавиме е вечна – истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски: Должност ни е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас

Тој потсети дека по катастрофата, светот му подал рака на Скопје и помогнал во неговата обнова, поради што градот станал симбол на човечноста и светската солидарност.

– Денес, наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел. Да создадеме современо, безбедно и достоинствено Скопје, град што ќе го почитува своето минато, но храбро ќе ја гради својата иднина. Затоа што најголемата почит кон оние што ги загубивме е да создадеме град достоен за нивниот спомен и за генерациите што доаѓаат – истакна Ѓорѓиевски.

Тој заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, отворија спомен обележје во спомен на еден од луѓето кои учествувале во возобновување на Скопје, тоа е полјакот Адолф Циборовски за кој досега немаше физичко спомен-обележје или споменик посветен лично нему во Скопје, но неговото име и дело се трајно вградени во современата историја и урбанистичкиот развој на градот.

ВМРО-ДПМНЕ: Споменот никогаш нема да избледи

Партијата ВМРО-ДПМНЕ по повод годишнинта од катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, објави сооопштение во кое вели дека тој ден засекогаш го промени ликот на градот, но не и духот на неговите жители.

„Во чест на оние што ги загубија животите, со почит кон преживеаните и со благодарност до сите што помогнаа Скопје повторно да се издигне, денес на 63 годишнината, се поклонуваме пред историјата што нe научи на солидарност, храброст и човечност, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во овие моменти со пиетет им оддаваме почит на сите загинати, се поклонуваме пред храброста на преживеаните и со благодарност се потсетуваме на несебичната помош што пристигна од целиот свет. Благодарение на единството, човечноста и меѓународната солидарност, Скопје не само што беше обновено, туку стана препознатливо како град на солидарноста, симбол на надежта, отпорноста и вербата во подобрата иднина.

Нашата обврска денес е да го чуваме тоа наследство. Да градиме институции што се грижат за граѓаните, да вложуваме во безбедност, отпорност и развој и да негуваме општество во кое солидарноста, единството и меѓусебната почит ќе бидат темел на секој напредок.

Нека споменот никогаш не избледи, а пораката за единство и надеж продолжи да живее во секоја генерација. Скопје памети. Скопје не заборава“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски: Вечен спомен на сите кои ги загубија животите во земјотресот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати порака на сеќавање и почит кон жртвите од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.

Мицкоски истакна дека трагичниот настан оставил неизбришлива болка, но истовремено покажал дека со единство и солидарност можат да се надминат и најтешките предизвици.

„Денес, со длабока почит и пиетет, се сеќаваме на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година“, порача премиерот.

Тој потсети дека помошта која пристигнала од целиот свет и солидарноста што ја покажале граѓаните по трагедијата, засекогаш го врежале Скопје како симбол на надеж, достоинство и заедништво.


„Денес наша обврска е да го чуваме тоа наследство, да градиме посилна, побезбедна и поразвиена држава, во која животот, безбедноста и доброто на граѓаните ќе бидат највисок приоритет“, наведе Мицкоски.

На крајот од пораката, премиерот упати почит кон сите кои ги загубиле животите во разорниот земјотрес.

„Нека е вечен споменот на сите што ги загубија животите. Скопје памети. Македонија не заборава“, порача Мицкоски.

Изложби и концерт во спомен на земјотресот

Во спомен на скопскиот земјотрес од 1963 година, вечерва ќе бидат отворени две изложби во Музејот на Град Скопје. На првата изложбата „63 години – Скопје ‘63“, автор е Зоја Богдановска, кустос советник и историчар. Поставката преку автентични фотографии и архивски материјали ги прикажува првите часови по земјотресот, сведоштвата на преживеаните и напорите за спасување, ставајќи ги во фокус човечките приказни и емоции од денот што засекогаш го промени градот. Изложбата ќе стане дел од новата постојана поставка во музејот.

Фотографии: Фејсбук профил на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Веднаш потоа ќе биде отворена и изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, составена од досега неприкажани фотографии на Васил Хаџиманов од погребните и тажачките обреди по земјотресот. Настанот беше проследен со промоција на дополнетото двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ на Ана Мартиноска и Жарко Иванов.

Одбележувањето ќе заврши со концертот „Скопје, радост моја“, посветен на легендарните шлагери на Драган Мијалковски, пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк.

Поврзани содржини