Кој е убиецот, или: „инжинираната перцепција“ на реалноста

Не знаеме со сигурност кој денес им дава задачи и како ги охрабрува нашиве современи душегрижници односно актуелниве „инженери на душата“ кои речиси секојдневно ни држат лекции што и како треба да правиме, каква е денешната реалност и што нѐ чека утре, што сме пропуштиле и како тоа да го надокнадиме…

0

Холанѓанецот Френк Вестерман во книгата „Инженери на душата“ (2010) пишува дека во 1932 година Максим Горки повикал група познати писатели во својот дом во Мосва, каде „ненадејно“ се појавил и Сталин. Во краткото „слово“ за писателите тој ги опишал како „инженери на душата“ (поим измислен од Јури Олеша) и им рекол дека нивната улога во Советскиот сојуз е поважна од тенковите, едновремено охрабрувајќи ги да пишуваат литература вредна за револуцијата.

Во времето на некогашна Југославија по 1945та година, локалните „инженери на душата“ ја добија истата улога и кочоперно ја реализираа. Но оттогаш нештата радикално се сменија па таа „висока“ титула денес самовљубено ја носат други профили. Претежно тоа е академско-универзитетскиот кадар, често полуписмен (иако таа комбинација заличува на оксиморон, но за жал не е!), од најразлична возраст и со нескриени (политички) амбиции.






Не знаеме со сигурност кој денес им дава задачи и како ги охрабрува нашиве современи душегрижници односно актуелниве „инженери на душата“ кои речиси секојдневно ни држат лекции што и како треба да правиме, каква е денешната реалност и што нѐ чека утре, што сме пропуштиле и како тоа да го надокнадиме… Не знаеме ни кој денес го глуми Сталин. И што, наместо дачи и рубли, како награда добиваат „инженерите“? Или знаеме, ама се правиме мутави?!

А знаат денешниве да бидат безобѕирно нахални, да врескаат на сиот глас и да бидат и наметливо безобразни, иако најчесто здодевни и прости. Никако не прифаќаат дека перцепцијата на реалноста – особено на нивната „реалност“! – е само обична конструкција на мозокот. Ако го имате, се разбира. Поточно – го имате, секако, но тајната е во неговата (не)функционалност, развиеност, верувања и култура, потенцијални трауми (најчесто во детството)… итн., итн. А најголемата „тајна“ е во мотивот: како и зошто „мозокот“ конструира една перцепција, а потоа диктира нејзин „пласман“ како неспорна реалност? Што ќе рече дека премногу фактори влијаат на перцепцијата. Затоа и перцепциите на една реалност се често не само различни туку и дијаметрално спротивставени. Нешто слично на она „чаша половина празна“ и „чаша половина полна“!

Но за нашиве локални прилики одамна не се тајна главните двигатели на потенцијалната перцепција на реалноста и „тригерот“ на нејзиниот понатамошен живот. Тоа по правило се кривулестите патеки на некаква квази-идеологија, надградена со опипливи лукративни патокази. Доминацијата на едниот или другиот фактор најчесто ја дегенерира „силата“ на „оживотворувањето“ на конструираната перцепција. Таму кадешто доминира квази-идеологијата – иако главните протагонисти немаат поим што е тоа идеологија! – превладува безобѕирноста, тврдиот диктат дека постои само една реалност и иднина, завиткана во знамето на соодветната (главно полувистината) идеолошка приказна.

Оттаму и нивната упорност, како сега, за некаков „супер вторник“ без нас или дека реалноста е некаков калеидоскоп (sic!), за „пропуштање на моментумот“ и слични будалаштини. Но и тоа е некаква „перцепција“, иако попрво може да се нарече „инжинирана перцепција“ (како што нѐ просветлува една докторка на науки!). Само што вицот е во „инжинирот“: кој е, што е, што сака да постигне и каква перцепција сака да ни наметне…?!

И затоа повторно се враќаме кај Коба: кој е денешниот Сталин кој издава наредби за „инжинираните перцепции“? Нашиве идеолошки праматари го кријат како змија нозе. Тие дури прифаќаат и да се споредуваат со Молдавија и Украина и да ронат солзи што овие се некакви „фронтранери“ а ние стоиме во место. Сакаат да бидат на нивното место? Не гледам дека некој сосила ги држи овде. Можеби преферираат да бидат ловени низ украинските улици и испраќани на фронт? И таа земја отвора поглавја за во еу (малите букви се…)?

Но, ако оние некогашните беа „инженери на душите“, овие новиве наши „инжинири“ мислат дека се волшебници на социјалниот и еу инженерингот. Тие, се разбира, го користат актуелното општествено милје и атмосферата во него креирана од различни, некогаш навидум и безначајни варијабилни инпути и процеси. Дел од таа атмосфера ја креираат токму главните „идеолошки“ протагонисти и нивните празни „инжинирани“ пелтечења, но некакво влијание – па нека е и мало – имаат и оние секојдневни партиско-популистички соопштенија, повици, прес конференции, изјави, најави… со само една цел: што поголемо оцрнување на новата власт и ситуацијата во земјата, особено по одбивањето на диктатот на таканаречената „француска рамка“. Во којашто, патем веќе не верува ни нејзинион малолетен творец, но затоа неговиве локални ракоплескачи живот даваат за неа.

Во нивната „реалност“ одлично се вклопи и актуелниот (велат) „катастрофален извештај на Европската комисија за владеењето на правото“, преку којшто, по малку детски, упорно наметнуваат конструирана перцепција дека токму „мешањето и притисокот од Владата и политичарите“ е главната причина за ниската доверба на јавноста во судството (sic)! А катаклизмичките резултати на правосудството во Македонија пак да ти биле „најсилната потврда дека правосудниот систем во државата е под сериозен политички притисок“. Ваква шарлатанска „инжинирана перцепција“ може да создаде само некој нов Сталин од Брисел и да ја разгласува низ мегафоните на неговите потрчковци во Македонија. И каков мозок е тоа кој може да смисли таква типично „инжинирана“ сталинистичка равенка дека довербата на јавноста не зависи од резултатите во работата туку од степенот на мешањето и притисокот од Владата и политичарите?

Па зарем е можно и македонскиве „експерти“ и онаа полуписмена европска комисија сериозно да се совпаѓаат со некои овдешни шарлатански „анализи“ дека новата власт, за само две години, успеа „да ги убие“ судовите и обвинителствата? Па тоа злосторство беше направено уште во онаа 1992 година! А впрочем, какви се пак тие „судии“ и „обвинители“ кои дозволуваат да бидат така „убиени“? И таквите малоумни „дијагнози“ ги слушаме секој божји ден од времето на смената на власта во Македонија, од Кочани до сега Гостивар и др., небаре претходно овде низ улиците и водоводите течеше мед и млеко, сѐ беше спастрено и стокмено по европски стандарди, раководството на онаа коруптивно-криминална коалиција секаде постави стручни, компетентни и способни кадри кои функционираа како „швајцарски саат“ (иако токму тие доведоа до Гостивар!)…, ама дојдоа варвариве и за 700 дена уништија сѐ?

Па на тие бајки ни децата дома веќе не ви веруваат!

Дали, можеби, веќе утре ќе слушнеме најнова конструкција дека и оние 350.000 евра закопани во ѕидот на родителската куќа на еден судија се таму ставени по директива на премиерот? Веројатно. Или тој „бисер“ ќе го остават за судењето, ако воопшто го има?

Поврзани содржини