ОРБАН ЗАМИНА, ФИЦО ГО ПРЕЗЕДЕ ВЕТОТО Словачка сама ја блокира промената на санкциите против Русија

Братислава упорно бара важни руски милијардери да бидат симнати од листата на санкционира. Зад ветото на Фицо можеби се крие Путин, но и Ердоган, како и Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан. Консензус двајцата руски богаташи за кои толку силно се лобира?

0

Словачка остана единствената членка на Европската Унија што ја блокира промената на режимот на индивидуални санкции против Русија, со што владата на Роберт Фицо го презеде местото на главниот кочничар во Брисел што со години му припаѓаше на Виктор Орбан. Амбасадорите на 27-те земји на 2 септември не успеаја да постигнат договор санкциите против руски државјани и компании во иднина да се продолжуваат за 12 наместо за 6 месеци. Причината беше словачкото „не“, а следниот обид за договор е закажан за 9 септември.

Станува збор за многу повеќе од бирократска промена на рокот. Актуелните индивидуални санкции истекуваат на 15 септември, а нивното продолжување бара едногласна одлука на сите членки. Тие опфаќаат замрзнување имот, забрана за обезбедување средства и забрана за патување за санкционираните лица. При последното продолжување Советот на ЕУ наведе околу 2.600 лица и субјекти; во меѓувреме листата дополнително се прошируваше. Ако нема договор до 15 септември, санкциите опфатени со овој режим би истекле.






Братислава бара бришење на некои имиња од листата на санкционирани

Ирското претседателство со Советот предложи шестмесечното обновување да се замени со 12-месечно, со што би се избегнувале две политички кризи годишно и можноста една земја постојано да го користи продолжувањето како средство за преговарање за други прашања. Според словачкиот „Деник Н“, останатите 26 членки го поддржале предлогот, а само Братислава останала против. Словачкото Министерство за надворешни работи не ги објавува своите конкретни преговарачки позиции, повикувајќи се на доверливоста на разговорите.

Но спорот има уште еден важен слој. Братислава повторно бара бришење одредени имиња од санкциската листа, иако засега нема официјална потврда кои лица се предмет на сегашното барање. Тоа веднаш потсетува на драматичните преговори во март, кога Словачка до последен момент бараше укинување на санкциите за двајца руски милијардери – Михаил Фридман и Алишер Усманов. Тогаш Братислава се повлече без да го добие бараното, а двајцата останаа санкционирани.

Милијаредрот Алишер Усманов му е важен на Фицо, ама и на Путин и на Ердоган

Особено интересна е приказната за Усманов. Рускиот милијардер со узбекистанско потекло има интереси во рударството, челикот, телекомуникациите и медиумите, а ЕУ го опишува како водечки бизнисмен со особено блиски врски со Владимир Путин и со интереси во сектори што обезбедуваат значителни приходи за руската држава. Во март зад неговото симнување од листата застанал и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој испратил писмо директно до Фицо. Ердоган тврдел дека Усманов долго време е посветен на филантропијата и дека санкциите неправедно му создаваат проблеми во односите со Турција.

Притисокот не доаѓал само од Анкара. Според Радио Слободна Европа, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан исто така се залагале за Усманов, нагласувајќи ја неговата филантропска работа и врските со туркискиот свет. Словачка го претворила ова лобирање од трети земји во официјално прашање во европските преговори. Советот на ЕУ, пак, го поврзува Усманов и со поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, како и со весникот „Комерсант“, за кој европското образложение наведува дека по неговото преземање редакциската слобода била ограничена и весникот зазел прокремљовска линија.

Банкарот Михаил Фридман ја доби првата правна битка против санкциите

Случајот на Михаил Фридман е поинаков и правно покомплициран. Основачот на „Алфа груп“ и долгогодишен голем акционер во „Алфа банка“ ги оспорува санкциите пред европските судови. Општиот суд на ЕУ во 2024 година поништи дел од претходните одлуки за санкционирање на Фридман и неговиот партнер Петр Авен за периодот од 2022 до март 2023 година, оценувајќи дека тогашните образложенија не биле доволно поткрепени. Тоа, сепак, не значеше автоматско укинување на подоцнежните санкции донесени врз нова правна основа, па Фридман остана на листата.

Во март Фицо се обиде да ја искористи неопходната едногласност за да ги симне и Фридман и Усманов. Словачка тогаш се закануваше дека целата листа ќе истече ако не бидат исполнети нејзините барања, но на 14 март ненадејно се повлече. Европски дипломати тогаш ја опишаа Братислава како изолирана, а Комисијата единствено ветила дека правната положба на двајцата ќе биде разгледана ако добијат релевантни судски постапки – нешто што институциите и онака се должни да го прават.

Каја Калас заговара големо проширување на листата на санкционираните

Сега часовникот повторно отчукува. По неуспешната средба на амбасадорите, прашањето е одложено за 9 септември, оставајќи само шест дена до крајниот рок. Дополнителен притисок создава фактот дека Брисел паралелно подготвува големо проширување на санкциите. Каја Калас соопшти дека се работи на околу 1.600 нови листирања поврзани со рускиот воено-индустриски комплекс, додека во тековните преговори се разгледува и помала група од дополнителни лица и компании.

Политичката тежина на словачката блокада затоа е поголема од прашањето дали санкциите ќе важат шест или 12 месеци. ЕУ се обидува да изгради постабилна политика кон Русија и истовремено да ја реформира сопствената надворешнополитичка архитектура, но принципот на едногласност му остава на секој национален главен град силен преговарачки инструмент. Фицо сега практично демонстрира како функционира тој механизам: 26 земји можат да бидат согласни, но без 27-та нема одлука. На 9 септември ќе се види дали Братислава повторно ќе се повлече како во март или ќе ја турка кризата до последните часови пред 15 септември.

 

Поврзани содржини