🎥 ТЕРЕЗА КЕСОВИЈА СЕ ЗБОГУВАШЕ СО СПЛИТ Последниот концерт музичката дива ќе го има во Загреб, на својот 88 роденден
Тереза Кесовија пееше пред полн стадион во Сплит, а на 3 октомври во Загреб ќе го одржи последниот концерт, на својот 88. роденден, пишуваат хрватските медиуми
Хрватската музичка дива Тереза Кесовија (87), која остави силен белег во музичката историја на цела бивша Југославија спектакуларно се збогуваше со сплитската публика со својот последен голем настап, на Стари Плац.
Со Кесовија пееше публиката која со децении ја следи, но и помлади што сега ја запознаваат нејзината постара музика. Концертот беше всушност нејзино големо збогување со Сплит.
Денот по концертот во изјава за медиумите, Кесовија се доверила дека чувствува „нормален физички замор“ со оглед на напорните подготовки и сите интервјуа што му претходеа на концертот на Стари плац, но дека самиот настап бил за неа – чиста радост.
– Го почувствував емотивниот полнеж, видов солзи во нивните очи. За тоа се живее – рекла Тереза после концертот
Концертот го отвори со „Каде што има срце, тука сум и јас“ (Gdje ima srca, tu sam i ja), по што следуваа нејзините безвременски хитови. Со топли зборови ја поздрави публиката во Сплит, градот што, како што рече, ѝ дал сигурност и ја научил што значи да се има цврста врска со публиката.
Особено емотивен момент беше присуството на нејзиниот син Алан Унгар и снаата Љиљана Унгар, кои од првите редови ја следеа вечерта со гордост.
Поради огромниот интерес, концертот првично планиран во Хрватско народно казалиште беше преместен на „Стари плац“, каде што беа обезбедени услови за околу три илјади публика.
Вечерта во Сплит беше нежна, но силна завршница на една голема музичка приказна, исполнета со носталгија и длабока поврзаност меѓу уметницата и нејзината публика.
Кесовија најави дека финалното збогување ќе го има на 3 октомври во Загреб, на својот 88. роденден.