МУЗИЧКИОТ СВЕТ СЕ ПРОСТУВА ОД ТАТКОТО НА ТЕХНОТО Хуан Аткинс е еден од највлијателните пионери на електронската музика

На 64 години почина Хуан Аткинс, еден од основачите на техно-музиката. Пронајден бил без свест во хотел во Мексико Сити, каде што требало да настапи.

1

Музичкиот свет се простува од Хуан Аткинс, американскиот диџеј и продуцент кој се смета за еден од основачите на техно-музиката. Почина на 64-годишна возраст, а веста за неговата смрт ја објави агенцијата „Гринсмит артистс“, која го застапуваше, како и негови блиски пријатели.

Аткинс бил во Мексико Сити, каде што требало да настапи во клубот „ЈуЈу Сине Клаб“. Според информациите што ги пренесоа американските медиуми, бил пронајден без свест во хотелската соба, по што бил пренесен во болница, каде што била констатирана смртта. Засега не е соопштена официјална причина за неговото заминување.






Роден во Детроит во 1962 година, а израснат во блискиот Белвил, Аткинс уште во младоста почнал да експериментира со електронска музика. Заедно со Дерик Меј и Кевин Сондерсон го формирал триото „Белвил три“, кое одиграло клучна улога во создавањето на детроитското техно во раните осумдесетти години. Тројцата музичари се сметаат за основоположници на жанрот што подоцна ќе освои клубови и фестивали ширум светот.

Аткинс бил и основач на проектот „Сајботрон“, кој го оформил со Ричард Дејвис. Нивната песна „Клир“ од 1983 година стана едно од најпрепознатливите рани дела на електронската музика. Подоцна настапувал и снимал под името „Модел 500“, а во 1985 година ја основал издавачката куќа „Метроплекс“, која стана важна за развојот на детроитската техно-сцена.

Неговото влијание одамна ги надмина границите на родниот град. Звукот што го создаваше помогна техното да се развие во глобално музичко движење, а неговите идеи инспирираа генерации продуценти и диџеи. Меѓу оние што му оддадоа почит се и неговите долгогодишни соработници Дерик Меј и Кевин Сондерсон, кои се простија од него со емотивни пораки.

Покрај огромното влијание врз музиката, Аткинс остана активен изведувач до крајот на животот. Само неколку дена пред смртта имаше најавен настап во Мексико Сити. Неговото име засекогаш останува поврзано со раѓањето на техното и со музиката што го промени начинот на кој светот танцува.

Поврзани содржини