СТОЈАНЧЕ ТВРДИ ДЕКА ИВАНА ГО ИЗНЕВЕРУВАЛА СО МАРТИН Вели дека самата излегла од возилото ноќта на автопатот

Стојанче вели дека кога се соочил со Мартин за неверството, Мартин извадил калашников, го вперил во него и му рекол дека ќе го убие, како и дека уште има белег на левото рамо каде што бил удрен со цевката. Мартин потоа почнал да бега со колата, а Стојанче го удрил со неговото возило.

474

На денешното рочиште во Кривичниот суд сведочи Стојаче Јовановски, сопруг на Ивана Јовановска, која на 2.3.2026 година изврши самоубиство, скокајќи од 6. кат од нејзиниот стан во Тафталиџе, при што во смрт ја однесе и нивната 6-годишна ќерка Катја.

Тој одговараше на прашања на неговиот адвокат Давор Ангелевски. Рече дека односите со Ивана во почетокот биле нормални. Живееле во изнајмен стан, а потоа мајка му Цветанка им дала пари за учество за стан во 2021 година.

– Односите ни беа нормални сѐ до 2022 година, кога јас отидов во мобилара во Аеродром да ѝ го земам телефонот на сопругата, при што прочитав пораки и видов видеа од колегата од работа Благоја Андуревски. Ја прашав за што се работи, таа негираше. Ја повикав нејзината мајка Љубица, со намера дека мајка ѝ ќе ја насочи дека Ивана погрешила. Но кога таа дојде, односот не беше како што претпоставував дека ќе биде. По 5 минути откако Љубица пристигна, на вратата заѕвони полиција. Јас им ја објаснив ситуацијата, полицајците направија записник и си заминаа. Ивана ме молеше да не се разведуваме поради детето и јас ја послушав – рече Стојанче со треперлив глас.

– Што се случи на почетокот на 2025 година? – праша адвокатот.

– Инстаграм профилите ни беа заеднички логирани и прочитав комуникација помеѓу неа и колегата Мартин Саздов. Разговорите на почеток беа на другарска база, но постепено преминуваа во поприватни разговори. Јас ги соочив Мартин и Ивана да ми објаснат за што се работи. Тие негираа и ми рекоа дека сум параноичен. На 16 август 2025 година бевме на свадба кај моја братучетка во Штип. Мојата сопруга се опијани, беше видно пијана и при враќањето од Штип јас видов дека се допишува со Мартин на вибер и застанав за да прочитам што разговараат. Ивана му кажуваше „се враќам со овој, а Катја спие позади“. Мартин ѝ рече дека и тој во моментот се враќа од Штип. Јас ја соочив, таа почна да негира и ја отвори совозачката врата од колата, со намера да не можам да ѝ го земам телефонот за да ги прочитам разговорите. Ѝ реков штом Мартин се враќа накај Скопје, значи ти сакаш со него да продолжиш. Таа ми рече штом така мислиш, сега ќе ја земам и Катја со мене. Ја отвори задната врата каде што Катја спиеше – рече Стојанче и почна да плаче. Ја зеде Катја и излезе од кола – продолжи Стојанче.

Тој вели дека Ивана со Катја тргнала по спротивната насока на автопатот.

– Излегов и ѝ реков барем детето врати ми го. Таа рече нема да ти го вратам. Ја прескокна банкината и ми рече „не доаѓам со тебе, ќе си одам со друг“. Ја молев да се качи во кола, дека е греота да ја вознемирува Катја. Таа не сакаше. Ми рече „ќе те пријавам во полиција“. Јас се качив во моето возило, стигнав до првата патарина, го свртев возилото и се вратив назад. Цело време ѝ ѕвонев на телефонот, со намера дека во темницата ќе го видам светлото на телефонот, за да ги земам. Три часа ѝ ѕвонев, никој не ми се јавуваше. Продолжив по автопатот, за да ги здогледам, ама никаде не ги видов. Не се ни сеќавам како стигнав во Скопје. Ѝ ѕвонев до утрото, утрото бев прва смена на работа во Пожарна. Потоа ѝ се јавив попладнето. Таа ми кажа дека на мајка ми пријателка Соња дошла и ги зела од автопатот и ги однела кај тетка ѝ Вера во Автокоманда. Тогаш Ивана ми кажа дека ќе живее кај мајка ѝ и кај тетка ѝ, бидејќи јас сум имал голема недоверба во неа, а таа никогаш не ме лажела. По извесен период од недела-две, ми се јави мајката на Мартин, Маја Саздова и ми рече „морам нешто да ти кажам Стојанче, се срамам од женскиот род што постои ваква личност“. Ми рече дека Ивана била кај нив вечерта кога сме се враќале од свадбата во Штип. И дека секоја вечер Ивана спиела кај Мартин, а Катја ја оставала кај мајка ѝ да ја чува, па утрото Ивана и Мартин ја носеле заедно на училиште – рече Стојанче и почна силно да плаче.

Кога го дознал тоа, Стојанче вели дека уште истиот ден почнал да ја следи Ивана.

– Ја најдов пред зградата на мајка ѝ, на Партизанска, возеше електричен тротинет кон Универзална сала. Видов дека после Универзална, Мартин ја чекаше со кола, го ставија тротинетот во гепек и стигнаа во Керамидница. Го паркираа возилото и тргнаа пешки покрај кеј. Јас од далеку ги видов како се гушкаат и се бакнуваат. Му се приближив на Мартин за да се пресметам со него физички. Мартин ми кажа да се смирам, оти се собраа повеќе луѓе. Ми рече ќе одиме на друго место за да се пресметаме сами. Јас се согласив, ми рече да одиме спроти училиштето „Мухајло Пупин“ во Триангла. Стигнав прв, а тој дојде со неговиот другар Тони. Во тој момент Мартин извади калашников, го впери кон мене и ми рече дека ќе ме убие. Јас му ја фатив цевката и му реков да пука. Уште имам белег на левото рамо каде што ме удри со цевката. Дојде чуварот од интернатот и рече дека повикал полиција. Мартин кога слушна се качи во кола и почна да бега. Јас за да го застанам, го удрив со моето возило во неговата задна лева врата. Не успеав, тој продолжи да вози, избега. Моето возило остана неподвижно, па повикав пајак и го однесоа на сервис. Потоа ми се јави на телефон, ми се закануваше, рече дека мора да му ја платам штетата. Му реков да дојде пред мојата зграда за да му платам. Тој дојде со уште тројца другари кои јас не ги познавам. На сите им кажав дека никогаш нема да му ја платам штетата на возилото. Тој се согласи и ми рече дека е во љубовна врска со Ивана – рече Стојанче.

По некое време, продолжи тој, Ивана поднела документи за развод и му соопштила дека сака Катја да ѝ припадне нејзе, а тој да плаќа алиментација. Стојанче се согласил и отишле во социјалната служба за да го потврди барањето.

– Кога Ивана виде дека сум сериозен и ги почитувам нејзините одлуки, почна да ми пишува на вибер дека згрепила, дека не сака да се разведе од мене, дека сака повторно да бидеме заедно, но и било страв дека ако му каже на Мартин дека нешто лошо ќе ми направи. Во разговорите меѓу мене и Ивана, кои сѐ уште ги имам, пишува дека Мартин ѝ се заканува дека ако повторно нѐ види заедно ќе ме убие, ќе ми го демолира станот, дека ќе ми ја запали колата, ќе ми подметне дрога за да се ослободи од мене. Ги имам разговорите во мојот телефон, од октомври 2025 година. Додека беше со мене Ивана, му пиша на Мартин дека не сака да имаат комуникација. Тој ѝ ѕвонеше, ѝ пишуваше дека ќе се самоубие, дека испил повеќе видови апчиња, ѝ праќаше слики каде имаат интимни односи, ќе ги пушти на сајтови за возрасни. Јас ѝ реков да не се вознемирува за тоа, дека има соодветно решение. По извесен период престана да ѝ пишува – сведочеше Стојанче.

Еден ден наставничката на Катја им се јавила и им рекла дека дошло непознато лице да ја земе Катја од школо. Тој и Ивана веднаш отишле во училиштето „Песталоци“, каде го видоле Мартин како стои на влезот.

– Го прашав, што бараш ти да ја земаш мојата ќерка од училиште. Сакаш ли да ја киднапираш, му реков. Му се заканив дека ќе го пријавам во полиција. Тој почна да бега и избега од училиштето. Ја земавме Катја и поради овие ситуации јас одлучив со ќерката и со Ивана да посетиме повеќе места надвор од Скопје. Имам фотографии каде сме биле и што сме правеле. По извесно време се вративме на секојдневните обврски. На 29.12.2025 година, јас бев трета смена на работа во пожарната во Ѓорче, која е веднаш до полициската станица. Утрото во 7 кога излегов од работното место на кружниот тек во Ѓорче црно порше ми уклучи флешери, јас застанав. Излегоа три лица во цивилна облека и веднаш ме прашаа дали во возилото имам нешто недозволено. Јас зачудено им одговорив дека излегувам од истото место од каде излегоа и тие. Тие ми рекоа дека знаат, но имаат дојава дека во ова возило има нешто недозволено и мора да го проверат. Јас се согласив. Тие извршија преглед на моето возило и во задниот дел извадија кеса со зелена и бела боја. Јас веднаш негирав, дека тоа не е мое, дека прв пат во животот го гледам. Тие ме приведоа во полициската станица Карпош. Телефонот и личните работи ми ги оставија на масата, без дозвола да ги користам. Во 9.40 часот, три пати до исклучување, на вибер ми ѕвонеше потпишано Н.Н. лице. Јас немав дозола да се јавам и не се јавив. Инспекторите ме однесоа дома, направија претрес и ми го вештачеа телефонот. Не најдоа ништо што би ме поврзало со тоа што ми го најдоа во возилото. Утредента ме пуштија со мерки на претпазливост, да се јавувам секој понеделник во суд, додека не се извадат ДНК и отпечатоци од работите што беа пронајдени во возилото. Кога ме пуштија, јас веднаш заѕвонив на бројот што ми ѕвонеше кога бев приведен. Ми се јави Тони, другарот на Мартин, со кого 4 месеци не сум имал контакти. Го прашав зошто ми ѕвонел тој ден кога бев приведен. Ми рече дека утрото видел возило како моето пред Ист гејт. Му реков дека не сум бил јас и заврши разговорот – додаде Стојанче.

Поврзани содржини