РЕЖИСЕРОТ НАУМ ПАНОВСКИ ГИ СКАНДАЛИЗИРА РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИ Конкурирал за Рациновото признание, го добил, а сега го отфрла

Наместо признанието за романот „Коста Солев – Смртопис“ да остане запаметено како книжевен успех, централна тема стана скандалот што самиот лауреат го предизвика со своето одбивање на наградата.

36

Македонската културна јавност остана затечена откако театрологот, режисер и писател Наум Пановски одлучи да не го прими „Рациновото признание” за 2026 година, иако токму неговиот роман „Коста Солев – Смртопис“ беше избран за лауреат меѓу 25 пријавени дела на конкурсот. Одлуката предизвика бурни реакции, бидејќи Пановски доброволно учествувал во постапката за доделување на наградата, а своето одбивање го соопштил дури по донесувањето на одлуката на жирито и по официјалното прогласување за добитник.

Пановски преку видеопорака соопшти дека не сака да го прими признанието кое требаше да му биде врачено на отворањето на 63. Рацинови средби во Велес. Тој своето потег го образложи со ставот дека не сака неговото име да биде поврзувано со, како што наведе, актуелните општествени и политички состојби во земјата и со начинот на кој функционираат институциите. Во видеопораката тој оцени дека признанието го прифаќа како потврда за вредноста на своето дело, но дека од морални и принципиелни причини не сака формално да ја прими наградата. Според него, станува збор за личен чин на протест, а не за оспорување на значењето на Кочо Рацин или на самата книжевна традиција поврзана со Рациновите средби.






Со овој чин, Пановски фрли сенка на полемики и контроверзии врз настанот што традиционално е празник на македонската книжевност и култура.

Особено остро реагираше Општина Велес, организатор на манифестацијата, од каде што јавно го поставија прашањето што деновиве го поставува и поголем дел од културната јавност: ако Пановски однапред не сакал да ја прими наградата, зошто воопшто конкурирал на конкурсот? Во реакцијата се наведува дека одбивањето на признанието по завршувањето на целата процедура претставува непочитување и кон жирито и кон институцијата „Рацинови средби“.

Дополнителна тежина на случајот му дава фактот што жирито едногласно го вреднуваше романот на Пановски како значајно книжевно остварување. Во образложението беше наведено дека делото отвора важни прашања за животот и делото на Коста Солев Рацин и претставува повик за национално и лично преиспитување.

Со својата одлука, Пановски практично ја доведе во непријатна позиција и комисијата која му ја додели наградата, но и организаторите кои со денови ја подготвуваа свеченоста. Наместо вниманието да биде насочено кон книжевните достигнувања и кон значењето на Рациновите средби, јавноста деновиве расправа за гестот на добитникот.

На отворањето на манифестацијата, академик Катица Ќулавкова зборуваше за трајната вредност на делото на Кочо Рацин и за неговата современост дури и по еден век. Таа порача дека „Рацин и денес се чита како да е пишуван сега”, оценувајќи дека неговото творештво останува живо сведоштво за стремежот кон правда, слобода и човечко достоинство.

Во својата реакција на Фејсбук, Ќулавкова уште поотворено го критикуваше однесувањето на Пановски, оценувајќи дека станува збор за чин кој не му штети само на признанието, туку и на самиот автор. Таа посочи дека е несфатливо некој да конкурира за награда, да ја добие по одлука на стручно жири, а потоа јавно да ја отфрли, доведувајќи ја во прашање смислата на целата постапка.

Нејзината реакција наиде на поддршка кај дел од културните работници, кои сметаат дека ваквиот потег претставува преседан што може да го наруши угледот на една од најстарите и најзначајни македонски книжевни манифестации.

„Рациновото признание“ со децении се смета за едно од најпрестижните книжевни признанија во земјата. Низ годините го добиле голем број истакнати македонски писатели и интелектуалци, а самата награда е симболично поврзана со името и делото на Кочо Рацин, еден од темелниците на современата македонска литература.

Токму затоа, случајот со Пановски отвори поширока дебата за одговорноста на авторите кон институциите на културата и кон јавноста. Критичарите сметаат дека секој автор има право да одбие награда, но дека тоа треба да го направи пред да учествува во постапката или најдоцна пред да биде прогласен за лауреат.

Наместо признанието за романот „Коста Солев – Смртопис“ да остане запаметено како книжевен успех, јавноста денес повеќе зборува за контроверзниот потег на неговиот автор. Така, во годината кога Рациновите средби повторно потсетија на актуелноста на Рациновото дело, централна тема стана скандалот што самиот лауреат го предизвика со своето одбивање на наградата.

Поврзани содржини