Компанијата Пурпласт ќе инвестира 15 милиони евра во проширување на производството во ТИРЗ што ќе отвори до 200 нови работни места.
Директорот Гоце Димовски кој денеска се сретна со извршниот директор на Пурпласт, Мехмет Шишманоглу, истакна дека новата инвестиција претставува значаен чекор во понатамошниот развој на компанијата и претставува уште една потврда за довербата на инвеститорите во условите кои ги нудат технолошко индустриските развојни зони. Тој посочи дека вложувањето и проширувањето на компании кои веќе работат во рамки на зоните е најдобар показател за стабилноста на деловното окружување и конкурентноста на државата како инвестициска дестинација.
Од страна на менаџментот на Пурпласт беше изразена благодарност за досегашната поддршка и соработка со Дирекцијата за ТИРЗ, при што беше истакнато дека новата инвестиција е резултат на позитивните искуства од работењето во зоната и довербата во институциите. Претставниците на компанијата нагласија дека инвестицијата во вредност од 15 милиони евра ќе овозможи проширување на производствените капацитети, воведување нови производствени линии и отворање до 200 нови работни места, што ќе придонесе за понатамошен раст на компанијата и зајакнување на нејзината позиција на меѓународните пазари.
На средбата беа разгледани и следните чекори за реализација на инвестицискиот проект, како и можностите за натамошно продлабочување на соработката.