ПОЧИНАТИОТ ВОЗАЧ НА БРЗА ПОМОШ ЌЕ БИДЕ ПОСТХУМНО ОДЛИКУВАН Бројот на критични пациенти е намален на 10

Министерот изрази надеж дека од следната недела ќе може да се даваат информации за пациентите кои ќе се вратат дома и ќе продолжат со лекување во Македонија.

3,206

Возачот на брзата помош кој учествуваше во евакуацијата на повредените во трагичниот пожар во Кочани ќе биде постхумно одликуван, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари. Министерството планира следната недела да го одликува починатиот возач за неговиот голем придонес во спасувањето на жртвите.

Во однос на шпекулациите за смртта на втор возач од службата за итна медицинска помош, министерот изјави дека засега нема официјална потврда за таква информација.






– Ова е четврт ден по трагедијата, сите пациенти што се лекуваат во државата и во странство се во стабилна состојба, а повеќето се подобруваат. Од вкупно 20 пациенти кои беа во критична состојба, денеска константираме дека 10 се потешки, но се стабилни – изјави Таравари.

Таравари посочи дека во моментов, 101 пациент се лекува надвор од земјата. Во текот на вчерашниот ден е испратен помал број пациенти во странство, но министерот информира дека денеска, исто така, има повеќе понуди од разни држави и дека евентуално може да се испратат уште 10 пациенти, зависно од состојбата. Одлуката ќе се донесе на состанок со медицинските тимови.

Во здравствените институции во земјава се лекуваат 72 пациенти – 34 во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, 15 во ГОБ „8 Септември“, 11 во Градската општа болница, 1 во Штип, како и 7 во „Аџибадем Систина“ и 4 во „Жан Митрев“. Неколку пациенти веќе се испишани – 2 до 3 пациенти се пуштени од болница, а за утре се планира отпуштање на уште тројца.

Министерот изрази надеж дека од следната недела ќе може да се даваат информации за пациентите кои ќе се вратат дома и ќе продолжат со лекување во Македонија.

– Сите пациенти ќе бидат подложени на токсиколошки анализи пред испис. Во текот на испитувањата ќе пристигнат искусни токсиколози за да ги проценат резултатите и да дадат препораки за понатамошно лекување во домашни услови – посочи министерот за здравство.

Таравари истакна дека кризниот штаб редовно функционира и дека има детални податоци за секој пациент по име и презиме. Семејствата се известени за нивната состојба, а организиран е превоз и сместување за блиските на пациентите кои се лекуваат во странство.

Министерството за здравство нема официјални информации за имињата и презимињата на починатите бидејќи неговата надлежност е врз пациентите кои се во лекување. Таравари додаде дека од Министерството можат да дадат информации за секој пациент, но дека не е етички и морално да се објавуваат имиња на повредените кои се лекуваат.

Министерот информираше дека пациентите, кои се на лекување во Шведска се во добра состојба. Попладнево, околу 16 часот, на веб-страницата на Министерството за здравство ќе бидат објавени имињата на болниците каде што се лекуваат пациентите, а бројките ќе се ажурираат како што тие ќе се враќаат во земјава.

Поврзани содржини