ОКОЛУ 500 ВЕШТАЦИ КОИ НЕ ГИ ОБНОВИЛЕ ЛИЦЕНЦИТЕ ЌЕ МОРА ДА ОДАТ НА ОБУКА И НА ИСПИТ Од учење се ослободени докторите на науки и магистрите со над 5 години стаж

Согласно новиот Закон за вештачење, сите што сакаа да бидат судски вештаци имаа рок од една година да ги обноват лиценците со барање до Министерстото за правда, а оние кои го пропуштија тој рок мора да одат на обука од 60 часа и да полагаат испит во Комората на вештаци.

682

Министерството за правда очекува да се пријават многу заинтересирани лица да ја посетуваат обуката за вештаци, која е воведена согласно со новиот Закон за вештачење од 2023 година и успешно да го положат испитот сите вештаци за кои тој испит е задолжителен. Од Министерството велат дека по завршувањето на процесот, министерот за правда Игор Филков ќе ги додели новите лиценци, чија важност нема да се продолжува согласно новата законска регулатива.

Од Министерството објаснуваат дека испитот е задолжителен за сите вештаци кои не поднеле барање за издавање на нови лиценци во рок од 1 година откако стапи на сила новиот закон.






Повеќе судски вештаци се пожалија до редакцијата на Плусинфо дека имаат проблем со обновување на лиценците, односно дека им се бара да полагаат испит. Тие не ги спорат условите за лиценцирање, кои меѓу другото, предвидуваат 5 години искуство во областа, но се појавил проблем во врска со нивното продолжување. Објаснуваат дека во последниве 2-3 години, поради неактивноста на Комората на вештаци, на голем дел од вештаците на кои им истекувала лиценцата прашувале на која сметка треба да се уплати за продолжување, но им било кажувано да чекаат натамошни упатства и дека работата ќе се средела. Во 2023 година, на веб-страницата на Министерството за правда бил објавен оглас во кој се повикувале вештите лица да се пријавуваат за продолжување на лиценците, дел од вештаците не дознале.

Рокот за обнова на лиценците, според огласот, истекол во јули 2024 година. Судските вештаци велат дека пред 2-3 недели биле објавени списоци во три бои: зелена, портокалова и бела. На зелениот список се оние вешти лица кои поднеле документи до јули 2024 година, независно од тоа дали лиценцата им била важечка, истечена или при истек. На портокаловиот список се вештите лица кои имаат важечки лиценци, но не поднеле документи до јули 2024 година, а на белиот список се лицата кои не поднеле документи до јули, а лиценцата им истекла до јануари 2025 година, 1 месец пред објавувањето на списоците. Вештаците велат дека оние кои се обележани со портокалово и со бело треба да слушаат задолжителна обука и да полагаат испити, а меѓу нив, на пример меѓу вештаците од областа на медицината, има професори на клиники со стаж од 30 години.

Тие велат дека од вкупно 1.100 вештаци, околу 500 ќе треба да полагаат испит.

Вештаците прашуваат зошто Министерството за правда не ги известило по мејл за огласот за обнова на лиценците за да не го испуштат рокот, со оглед дека тие работат на повик, а Комората и Министерството ги имаат нивните телефонски броеви и мејл адреси.

Прашањето со лиценците на вештаците е од поширок јавен интерес, затоа што во судските постапки може да се оспорува нивната важност и самите вештачења, како на пример на оние вештаци кои не поднеле документи за обнова до јули 2024 година, а сепак имале важечки лиценци за месеците подоцна.

Во врска со тоа дали постои некаков план за надминување на овој проблем од Министерството за правда велат дека воочиле одредени потешкотии при имплементација на новиот закон за вештачење, поради што формирале работна група за подготовка на нацрт измени и дополнувања.

„Согласно член 67 од Законот за вештачење, донесен во 2023 година, сите вештаци биле должни да достават барање за издавање на нови лиценци до Министерството за правда во рок од 1 година од влегување во сила на Законот. Законодавецот оставил право на избор на вештаците да одлучат дали ќе поднесат такво барање и ќе продолжат да ја вршат дејноста вештачење, согласно со пропишаните услови од новиот закон или пак ќе одлучат да не поднесат такви барање и да престанат да ја вршат дејноста по истекот на рокот на важење на лиценците кои ги поседуваат. За сите вештаци кои од кои било причини не поднеле барање во рокот од 1 година, услов за добивање на нова лиценца е посета на обука од 60 часа и полагање на испит. Од обврската за полагање на испитот, законот ги ослободува сите доктори на науки, магистрите кои имаат најмалку 5 години работно искуство по магистрирањето и докторите по судска медицина“, велат од Министерството за правда за „Плусинфо“.

Со оглед на фактот што Комора на вештаци не постоеше речиси 8 години, една од првите заложби на министерот Филков беше Министерството за правда да ги обезбеди сите предуслови за формирање на Комора на вештаци, додава Министерството. Целта на ова е беше непречено да се одвиваат вештачењата и да се обезбеди поголема ефикасност на судските постапки.

„Согласно законските одредби, формирани се 16 професионални области на вештачење, назначени се нивни раководители кои се долгогодишни искусни вештаци од кои најголем број универзитетски професори, свикано е основачко собрание на Комората, кое го избра проф. д-р Виктор Камнар за претседател, формиран е Управен одбор, донесен е Статут и Комората е регистрирана во Централниот регистар. За сите активности јавноста беше известена најпрво преку објави на веб страницата на Министерството за правда, а потоа и преку заедничка прес-конференција на министерот Филков и претседателот на Комората, д-р Камнар“, велат од Министерството за правда.

Оттаму додаваат и дека за исклучително кусиот период на постоење на Комората, донесени се сите неопходни акти за работење, изработен е нов Регистар на вештаци, закажана е задолжителната почетна обука за чие пријавување е објавен јавен повик. Формирана е дисциплинска комисија, како и комисија за спроведување на испитот за вештак, а активна е и веб-страница на Комората.

„Очекуваме голем интерес на лица пријавени да ја посетат обуката како и успешно положување на испитот на оние за кои тој е задолжителен. По завршувањето на процесот, министерот за правда ќе ги додели новите лиценци чија важност нема да се продолжува согласно новата законска регулатива“, додаваат од Министерството за правда.

Поврзани содржини