ПОДДРШКА ОД САД ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ПРАВОСУДСТВОТО Никој нема да биде над законот, порача ВЛЕН
ВЛЕН гради конкретни механизми, ги зајакнува институциите и ја враќа довербата на граѓаните во правдата, времето кога правдата служеше како штит за недопирливите е завршено, соопшти партијата.
ВЛЕН оценува дека зајакнувањето на владеењето на правото, бескомпромисната борба против корупцијата и модернизацијата на правосудниот систем се јасни приоритети на оваа влада, соопшти партијата.
„Соработката со нашите стратешки партнери ќе продолжи да носи конкретни реформи во интерес на граѓаните и европската перспектива на земјата. Вчерашната средба меѓу министерот за правда, Јетон Шасивари и вршителката на должноста амбасадорка на САД во Скопје, Никол Варнс, ја пренесе пораката за континуираната поддршка што САД ѝ ја даваат на Северна Македонија во реформските процеси и беше нагласено дека партнерството со стратешките сојузници останува важен столб во градењето силни и независни институции“, соопшти ВЛЕН.
Додека ВЛЕН гради силни институции и бара американска поддршка од американски правни експерти во областа на кривичното законодавство, ДУИ не може да избега од одговорноста за две децении заробување на правдата, клиентелизам и корупција што ја оставија земјата без доверба во институциите, додава партијата.
„ВЛЕН гради конкретни механизми, ги зајакнува институциите и ја враќа довербата на граѓаните во правдата. Времето кога правдата служеше како штит за недопирливите е завршено. Со ВЛЕН и поддршката на стратешките партнери како што се САД и ЕУ, правдата ќе биде во служба на граѓаните и никој нема да биде над законот“, соопшти ВЛЕН.
Министерството за правда вчера соопшти дека на средбата меѓу Шасивари и Варнс е потврдена силната и континуирана соработка меѓу Министерството за правда и САД како стратешки партнер во спроведувањето на реформите во правосудството.
„На средбата се разговараше за клучните приоритети на Министерството за правда, со акцент на реформите во правосудството, владеењето на правото, дигитализацијата на правосудниот систем, законодавната агенда и борбата против корупцијата. Министерот Шасивари побара во натамошниот период да се овозможи размена на искуства и експертска помош од САД во областа на кривичното законодавство“, соопшти Министерството.