📽️ НИКОЛА ПЕЛЦ ДОБИ НАГРАДА ВО ВЕНЕЦИЈА Признанието за „Ѕвезда во подем“ поттикна шпекулации дека ѝ го купил милијардерот Нелсон Пелц

Актерката ја доби титулата „Ѕвезда во подем“ иако има веќе 31 година, а првпат се појавила на филм кога имала 11. „Дејли мејл“ поставува прашање дали во давањето награда помешал прсти нејзиниот богат и влијателен татко

8

Никола Пелц Бекам доби признание за „Ѕвезда во подем“ на овогодишните награди „Кинео“ во Венеција, но наградата веднаш предизвика сомнежи. Британскиот „Дејли мејл“ поставува прашање дали зад признанието можеби стои влијанието на нејзиниот татко, милијардерот Нелсон Пелц.

Станува збор за награда што не ја доделува „Кинео“, независна церемонија која се одржува паралелно со Венецискиот филмски фестивал.






Никола, која има 31 година, ја доби наградата за својата работа како актерка, сценаристка и продуцентка, а во моментот го промовира филмот „Прима“, во кој глуми балерина покрај оскаровката Феј Данавеј. На церемонијата Данавеј доби признание за животно дело, додека Пелц беше прогласена за „Ѕвезда во подем“.

Токму изборот на Пелц за категоријата „Ѕвезда во подем“ е она што предизвика најмногу коментари. Таа на филмското платно дебитирала уште на 11 години, а во текот на кариерата има улоги во „Последниот господар на воздухот“, серијата „Бејтс Мотел“ и „Трансформери: ера на истребување“. Со други зборови, не станува збор за актерка која штотуку се појавила во Холивуд. „Вог“ забележува дека наградата доаѓа речиси 20 години по нејзиното актерско деби.

Нејзината досегашна кариера, исто така, не е без контроверзии. За улогата во „Последниот господар на воздухот“ беше номинирана за „Златна малина“ за најлоша споредна актерка, а истото признание го доби како номинација и за „Трансформери: ера на истребување“.

Пелц во 2024 година го режираше, го напиша сценариото и ја играше главната улога во филмот „Лола“. Филмот, сепак, не направи значаен успех, а нејзината нова улога во „Прима“ е еден од проектите со кои таа сега се обидува да го сврти вниманието кон својата работа зад камерата и како актерка.

Во „Прима“ таа игра млада балерина, додека Феј Данавеј ја толкува нејзината строга баба и менторка. Филмот го режираат Алесандро и Лука Морели, а во него играат и Мира Сорвино и Џек Хјустон. Филмот сè уште нема објавен датум за премиера.

Но, во приказната неизбежно се појавува и нејзиното семејство. Никола е ќерка на милијардерот Нелсон Пелц, инвеститор и бизнисмен со огромно богатство и влијание. Таа е во брак со Бруклин Бекам, синот на Дејвид и Викторија Бекам, а двајцата во последно време повторно се најдоа во центарот на вниманието поради семејниот конфликт меѓу Бруклин и неговите родители.

„Дејли мејл“ токму во тој контекст отвора прашања за тоа како Никола стигнала до признанието и дали семејното богатство и контакти можеле да имаат влијание врз нејзиното добивање.

Самата Никола, пак, при примањето на признанието им се заблагодари на семејството и на својот сопруг. Таа призна дека не ѝ е пријатно да зборува пред публика и дека повеќе сака да глуми отколку да стои пред луѓе како самата таа. На церемонијата Бруклин беше покрај неа, а парот привлече големо внимание и со своето однесување на црвениот тепих.

Интересно е и тоа што ова не е првпат Пелц да добие признание со назив „Ѕвезда во подем“. Во 2014 година, кога имала 19 години, таа добила „Rising Star“ награда на CinemaCon заедно со актерот Џек Рејнор.

 

Поврзани содржини