📽️ ШТО АКО ХУМАНОИДНИОТ РОБОТ СЕ РАСИПЕ? Во Јапонија наскоро по него ќе доаѓа посебно амбулантно возило
Во јуни, јапонската влада постави цел за воведување на околу 10 милиони роботи до 2040 година и нивна примена во 18 различни сектори, вклучувајќи ја здравствената заштита, угостителството и производството.
Наскоро, возило слично на амбулантно возило, но наменето исклучиво за хуманоидни роботи, би можело да се движи низ улиците на Токио. Јапонската технолошка група GMO Internet Group претстави комбе опремено за транспорт на инженери, алатки, резервни делови и робот за замена директно до местото на дефектот. Компанијата истакнува дека тоа е првото вакво возило во Јапонија за одржување на хуманоидни роботи, пишува Euronews.
– Нашата роботска амбуланта носи робот за замена на терен и го користи за да го замени оштетениот – објасни Шота Такизава, инженер во GMO Air.
Доколку дефектот не може да се поправи на лице место, оштетениот робот се транспортира до сервисниот центар. Во тоа време, роботот за замена веднаш ги презема своите задачи, со што се обезбедува непречена работа.
Компанијата GMO AIR објаснува дека ја развиле услугата откако самите се соочиле со застој во работењето додека чекале да се поправат сопствените роботи.
-Тоа искуство ни даде идеја да обезбедиме роботи за замена на хуманоидни роботи – рече Томохиро Учида, извршен директор на GMO Air.
“ヒト型ロボット用救急車”爆誕 メカ用担架や予備パーツ積載 GMO系 – ITmedia NEWS https://t.co/qqb7glK01b
— JM3LGF 📡⚡︎ わかやまSW350(L.F.R team WAKAYAMA)🇯🇵 (@jm3lgf) September 8, 2026
Иако возилото носи ознаки слични на амбулантно возило и има виолетови ротирачки светла, тоа во суштина е мобилна работилница. Внатрешноста е адаптирана за сместување на роботи, лаптопи и целата потребна опрема за одржување.
Компанијата моментално има едно такво возило во своето седиште во Токио, но GMO вели дека планира да воведе дополнителни возила и да отвори нови бази доколку се појави потреба.
– Кога хуманоидните роботи ќе станат дел од секојдневниот живот, овој вид услуга ќе биде неопходна – додаде Такизава.
Проектот беше лансиран во време на сè поинтензивна пазарна конкуренција во секторот на хуманоидни роботи, предводена од Кина и САД. Кина изгради силна производствена база потпомогната од државни инвестиции и домашни синџири на снабдување, додека американските компании се позиционираат како лидери во развојот на вештачката интелигенција и напредната роботика.
Според проценките на McKinsey, пазарот на роботика за општа намена би можел да достигне вредност од приближно 370 милијарди долари (околу 319 милијарди евра) до 2040 година.
Јапонија, која со децении е водечки производител на индустриски роботи, сега се обидува да ја зајакне својата позиција во роботиката базирана на вештачка интелигенција.
Во јуни, јапонската влада постави цел за воведување на околу 10 милиони роботи до 2040 година и нивна примена во 18 различни сектори, вклучувајќи ја здравствената заштита, угостителството и производството.