НОВ ТРАГ ВО ИСТРАГАТА ЗА СМРТТА НА ХАЈДЕН ПАНЕТИЕР Брајан Хикерсон разговарал со Агенцијата за борба против дрогата, истражителите бараат кој ѝ ја набавил дрогата
Истражителите разговарале со повеќе лица, меѓу кои и нејзиниот поранешен партнер Брајан Хикерсон кој бил присутен во моментот на смртта. Се проверува и кој ѝ ја набавил дрогата на актерката, а се чекаи на резултатите од токсиколошката анализа.
Истрагата за ненадејната смрт на актерката Хајден Панетиер доби нов развој. Нејзиниот поранешен партнер Брајан Хикерсон разговарал со американската Агенција за борба против дрогата (DEA), а истражителите во меѓувреме разговарале и со други лица, објави „Пипл“, повикувајќи се на извор близок до истрагата.
Според информациите, вниманието на истражителите е насочено кон лице за кое постои сомневање дека ѝ набавило дрога на Панетиер. „ТМЗ“ објави дека властите се обидуваат да го идентификуваат потенцијалниот дилер чија дрога можеби била поврзана со смртта на актерката.
Панетиер беше пронајдена без свест на 16 август во куќа во Гринвил, Јужна Каролина. Кога пристигнале итните служби, таа имала срцев застој. Обдукцијата била извршена следниот ден, а окружниот патолог соопштил дека нема знаци на траума што би придонеле за смртта.
Сепак, конечната причина за смртта сè уште не е утврдена, бидејќи се чекаат резултатите од токсиколошката анализа. Според новите информации, токму тие резултати би можеле да бидат клучни за понатамошниот тек на истрагата.
Хикерсон и неговиот брат Зак биле во куќата кога пристигнале полицајците. Според полицискиот извештај, Хикерсон им покажал торба со лекови што ги земала Панетиер. На местото бил пронајден и налоксон, лек што се користи за поништување на дејството на опиоидите при предозирање.
Хикерсон, кој со Панетиер имал бурна врска и претходно бил осуден за насилство врз неа, преку својот адвокат порача дека смртта на актерката сè уште се истражува и дека треба да се остави истрагата да продолжи. Тој засега не е именуван како осомничен во случајот, а полицијата претходно соопшти дека нема знаци на насилна смрт.
Истрагата останува активна, а токсиколошкиот наод се очекува да даде одговор дали дрогата имала улога во смртта на 36-годишната актерка.