„НИЕ СМЕ КАКО ПИРАТИ И ЈА ЗЕМАМЕ НАФТАТА!“ Трамп призна дека американската морнарица запленува бродови

Трамп призна дека американските сили запленуваат бродови и нафта, додека конфликтот со Иран влегува во нова, опасна фаза.

341

Претседателот Доналд Трамп изјави дека американската морнарица дејствува „како пирати“, спроведувајќи поморска блокада на иранските пристаништа, наметната од Вашингтон за време на американско-израелската војна против Иран.

Трамп ги даде овие коментари додека го опишуваше запленувањето на брод од страна на американските сили пред неколку дена.

– Ја презедовме контролата врз бродот, го зедовме товарот, ја зедовме нафтата. Тоа е многу профитабилен бизнис – рече Трамп.

– Ние сме како пирати. Ние сме како пирати, но не се играме – додаде тој.

Некои од бродовите на Техеран биле запленети од САД откако ги напуштиле иранските пристаништа, заедно со санкционирани контејнерски бродови и ирански танкери во азиските води.

Иран, пак, блокирал речиси сите бродови што минуваат низ Ормузскиот Теснец од почетокот на војната, додека САД воведоа посебна блокада на иранските пристаништа.

Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со напади врз Израел и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски бази.

Американско-израелските напади врз Иран, како и израелските операции во Либан, резултираа со илјадници жртви и милиони раселени лица.

Во меѓувреме, преговорите за договор меѓу САД и Иран се во ќорсокак. Иран доставил нов предлог до Вашингтон преку пакистански посредници, но Трамп изјави дека не го одобрува.

Во говор пред републиканските претставници во Флорида, Трамп истакна дека нема намера да нареди брзо повлекување на американските сили, предупредувајќи дека во спротивно би можел да се повтори истиот проблем за неколку години.

Поврзани содржини