КИНА СЕ ЗАКАНУВА СО КОНТРАМЕРКИ Брисeл под притисок по новиот индустриски закон
Пекинг предупредува на можни економски мерки додека ЕУ ја заострува индустриската и трговската политика.
Кина испрати остро предупредување до Европската Унија, најавувајќи можни контрамерки доколку Брисел продолжи со усвојување на новиот закон насочен кон зајакнување на европската индустрија и намалување на зависноста од странски пазари.
Станува збор за предлог на Европската комисија кој ги таргетира клучните индустриски сектори – чистите технологии, автомобилската индустрија и енергетски интензивните гранки како производството на челик, алуминиум и цемент.
Една од најзначајните одредби предвидува електричните возила што добиваат државна поддршка да бидат составени во рамки на ЕУ, со најмалку 70 проценти компоненти произведени во земјите членки. Со ова, Унијата има за цел да ја поттикне домашната продукција и да ја намали зависноста од увоз, особено од азиските пазари.
Законот предвидува и построг надзор врз странските инвестиции во стратешките сектори, особено кога станува збор за држави со доминантно присуство во глобалното производство. Иако Кина не се споменува директно, пораката е јасна – мерките најмногу се однесуваат токму на кинеските компании.
Пекинг реагираше остро, оценувајќи дека ваквите политики се дискриминаторски и претставуваат отстапување од правилата на Светската трговска организација. Кинеските власти предупредија дека, доколку законот биде усвоен во сегашната форма, ќе бидат принудени да преземат мерки за заштита на сопствените економски интереси.
Паралелно, Европската Унија најави и нови царински правила што директно ќе го погодат увозот од Кина. Од јули 2026 година, сите пратки со вредност под 150 евра ќе подлежат на фиксна давачка – потег што сериозно ќе влијае врз деловните модели на азиските онлајн трговци кои се потпираат на евтин и масовен извоз кон европскиот пазар.
Според аналитичарите, можно е Кина да возврати со ограничување на пристапот до својот пазар, дополнителни регулаторни бариери или пренасочување на трговските политики, особено кон европските компании кои имаат значително присуство во земјата.
Се отвораат неколку сценарија – од можни преговори и компромисни решенија, до взаемни економски мерки или дури и слабеење на законот под притисок на дел од земјите членки. Во суштина, спорот ја отсликува пошироката борба за економско влијание, во време кога Европа се обидува да ја заштити својата индустрија, а Кина бара нови пазари за своето производство.