МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА МАЖИ ДО 18 ГОДИНИ Натпреварувањето ќе се одржи од 2 до 13 август 2028 година
Европската ракометна федерација (ЕХФ) официјално го потврди изборот на Македонија за организација на Европското првенство за мажи до 18 години – EHF EURO 2028, објави денеска Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Натпреварувањето ќе се одржи во периодот од 2 до 13 август 2028 година, а ќе претставува можност нашата земја уште еднаш да ја потврди својата организациска подготвеност и посветеност кон развојот на ракометот.
– Одлуката беше донесена од страна на Извршниот комитет на ЕХФ на состанокот одржан на 13 јуни 2026 година, а со тоа Македонија ја доби довербата да биде домаќин на едно од најзначајните младински ракометни натпреварувања во Европа – велат од Федерацијата.
Доделувањето на организацијата на ЕХФ ЕУРО 2028 претставува уште едно значајно признание за македонскиот ракомет.