МАКЕДОНИЈА СО ЗЛАТО И СРЕБРО НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО Кадетите шампиони, ракометарките вицешампионки

Кадетите доминираа во финалето против Израел, додека ракометарките се бореа до самиот крај против Хрватска.

3

Македонскиот ракомет слави голем успех на Светското училишно првенство што се одржа во Скопје – машката кадетска репрезентација го освои златниот медал, додека женската селекција се закити со сребро.

Машката репрезентација на Македонија во финалето ја совлада селекцијата на Израел со 38:32 и заслужено се искачи на највисокото место на пиедесталот. Избраниците на селекторот Горан Кузманоски одиграа сигурен натпревар, имаа контрола врз резултатот од самиот почеток и на полувреме водеа со 20:14.

Во второто полувреме противникот успеа да ја намали разликата на два гола, но македонските ракометари не дозволија пресврт и со мирна завршница го потврдија триумфот.

Женската кадетска репрезентација, пак, стигна до сребрениот медал, откако во финалето беше поразена од Хрватска со 28:26.

Македонските ракометарки имаа одличен старт и поведоа со 5:1, но противничките брзо се вратија и до средината на првото полувреме направија пресврт (8:6). Нашиот тим успеа да израмни на 11:11, но на паузата Хрватска имаше предност од 15:12.

Во вториот дел ривалките се одлепија на пет гола разлика (19:14), а иако македонските ракометарки во финишот се доближија на 24:25, немаа сили за целосен пресврт.

Со овој резултат, Македонија го заокружува настапот на првенството со два освоени медали – злато и сребро, што претставува значаен успех за младинскиот ракомет.

Поврзани содржини