ВЛАДАТА ПОСВЕТЕНО РАБОТИ НА РЕФОРМИТЕ Муцунски уверува дека ќе бидеме лидери во регионот

Министерот вели дека по изборите има засилено темпо на реформите и дека Планот за раст носи дополнителна мотивација за побрз напредок.

40

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека Владата веќе испорачува конкретни резултати во реформите, а амбицијата е државата да стане лидер во регионот во рамки на европската агенда.

Во гостување во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, Муцунски зборуваше за евроинтеграциите, Планот за раст и реформските процеси.

– Прашањето дали се спроведуваат реформи не е субјективно гледиште, туку мерлив показател за тоа што го реализира Владата. Најдобар судија е времето, а времето ќе покаже кој ќе биде во право – изјави Муцунски.

Тој посочи дека реформскиот процес бил забавен за време на изборниот период, но по нивното завршување веќе има „сериозно раздвижување“.

– Нашата држава има ригидни правила поврзани со изборните процеси, поради што реформите во одреден период беа ограничени. Но веднаш по изборите има сериозно раздвижување во многу области. Нашата цел е до крајот на овој циклус да бидеме лидер во регионот – нагласи министерот.

Осврнувајќи се на оценките од европските претставници, Муцунски рече дека е во редовна комуникација со повеќе европратеници, меѓу кои и Томас Вајц. Според него, дел од неговите изјави во јавноста биле извадени од контекст.

– Очекувам да го видиме интервјуто во целост и да стане јасно што точно е кажано – рече Муцунски.

Тој додаде дека Планот за раст на Европската Унија носи и дополнителен мотив, бидејќи средствата што нема да ги искористат други земји може да се пренаменат кај оние што ќе покажат резултати.

– Реформите не се само услов, туку носат и директна корист за граѓаните и реализација на конкретни проекти. Воедно, тие нè приближуваат до системот на Европската Унија – истакна министерот.

Муцунски потенцираше дека во време на геополитичка неизвесност е клучна целосната усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европска Унија.

– Мораме да го промениме вредносниот систем во насока на европеизација. За тоа е потребен поширок општествен консензус – од институциите, опозицијата и бизнис-заедницата – рече тој.

Во однос на опозицијата, министерот оцени дека во минатото не биле направени доволно реформи, особено во судството.

– Доколку резултатите беа подобри во претходниот период, денес ќе бевме многу поблиску до членство во Европската Унија – заклучи Муцунски.

Поврзани содржини