КРАЛОТ СЕ СМЕЕ, КРАЛИЦАТА ПЛАЧЕ Камила откри детали од животот зад затворени врати и откри што ја нервира кај Чарлс

Кралот и кралицата имаат навика да читаат пред вечера, но понекогаш нивниот заеднички мир го нарушува гласното смеење на Чарлс. Камила раскажа и како книгите влијаеле врз нејзиниот живот.

128

Кралицата Камила откри една мала навика на сопругот, кралот Чарлс Трети, која понекогаш ѝ го нарушува уживањето во читањето. Во документарниот филм на Би-би-си „The Book That Changed My Life“ („Книгата што ми го промени животот“), таа раскажа дека двајцата често седнуваат да читаат пред вечера, но дека кралот понекогаш толку гласно се смее на прочитаното што ја деконцентрира.

– Кога сум длабоко внесена во некоја книга, понекогаш слушам како тој гласно се смее на нешто. Тоа навистина ми пречи и не можам повторно да се внесам во книгата – раскажала Камила. Таа додала дека понекогаш и самата ненадејно почнува да плаче додека чита, но дека заедничките тивки моменти сепак ѝ се драгоцени.






 

Според неа, Чарлс сака биографии, а особено му се допаѓаат хумористичните книги на британскиот писател П. Џ. Вудхаус, Камила, пак, претпочита историска фикција и трилери.

Во документарецот кралицата зборува и за тоа колку читањето ѝ помогнало во животот. Таа го напуштила училиштето релативно млада и вели дека книгите биле голем дел од нејзиното образование. Преку нив, како што објаснила, научила многу за луѓето и за животот.

Камила се присети и дека како тинејџерка тајно го читала романот „Љубовникот на леди Чатерли“ од Д. Х. Лоренс, дело кое во тоа време предизвикувало контроверзии поради сексуалната содржина.

Нејзината љубов кон книгите не е само лична страст. За време на пандемијата на ковид-19 таа започна читателски клуб, кој подоцна прерасна во добротворна иницијатива за поттикнување на читањето. Во документарецот предупреди дека би било голема трагедија ако книгите исчезнат од нашите животи.

Поврзани содржини