📽️ ХЕРОЈ НА ДЕНОТ, ВОЗАЧ СПАСИЛ 35 УЧЕНИЦИ ОД ПОЖАР Автобусот изгорел до темел, децата се неповредени

Пожарот избил во автобус во Хиршајд, Германија, откако учениците почувствувале мирис на чад и го предупредиле возачот. Тој веднаш запрел и ги евакуирал сите 35 деца, а причината за пожарот се истражува.

0

Брзата реакција на возач на автобус во германската покраина Баварија спречила трагедија, откако тој навреме ги извел сите 35 ученици од возилото пред пламените јазици целосно да го зафатат. Автобусот од марката „Mercedes“ изгорел во пожар, а материјалната штета е проценета на околу 20.000 евра, објави германски „Bild“.

Инцидентот се случил во петокот наутро, околу 7:20 часот, додека автобусот се движел по Индустриска улица во Хиршајд, во округот Бамберг, во германската сојузна покраина Баварија.






Проблемот први го забележале учениците што седеле во задниот дел од автобусот, откако почувствувале мирис на чад. Веднаш го предупредиле возачот, кој реагирал без одложување.

– Децата во задниот дел од автобусот одеднаш почувствувале мирис на чад. Веднаш го известиле возачот – изјавил за „Bild“ портпаролот на полицијата, Александер Крап (49).

Според неговото објаснување, возачот веднаш го запрел автобусот, ги отворил вратите и им помогнал на сите деца безбедно да излезат.

Само неколку моменти по евакуацијата, пламенот почнал да избива од задниот дел на автобусот, а потоа брзо се проширил и го зафатил целото возило.

Кога пожарникарите пристигнале на местото на настанот, автобусот „Mercedes“ веќе бил целосно во пламен. Поради интензитетот на пожарот, спасувачките екипи не можеле да го спасат возилото, па оставиле контролирано да изгори.

Материјалната штета е проценета на околу 20.000 евра.

По евакуацијата, учениците биле пренесени во училница во блиско основно училиште, каде што ги прегледал лекар од итната медицинска помош.

– За среќа, ниту едно од 35-те деца не е повредено – изјавил полицискиот портпарол Крап.

Истрагата за причините за избувнувањето на пожарот е во тек.

Поврзани содржини