ВЕЌЕ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПАТУВА ДО СКОПЈЕ ЗА ДА СЕ ПРИМИ ТЕРАПИЈА ЗА МУЛТИПЛЕКС СКЛЕРОЗА Три болници се обрзаа да ги даваат лековите на пациентите

На Клиниката за неврологија се водат околу 2.000 пациенти со мултиплекс склероза, од кои околу 1.800 активно се лекуваат. Бројот на новодијагностицирани расте, во 2025 година се регистрирани 115 пациенти.

1

Министерството за здравство денеска ги објави протоколите за дисперзирана терапија за мултиплекс склероза. На настанот присуствуваа директорите на Универзитетската клиника за неврологија, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, ГОБ „8 Септември“ – Скопје и Клиничката болница Штип.

На Клиниката за неврологија се водат околу 2.000 пациенти со мултиплекс склероза, од кои околу 1.800 активно се лекуваат. Бројот на новодијагностицирани расте, во 2025 година се регистрирани 115 пациенти.






– Во моментот, 835 пациенти од 48 општини се на имуномодулаторните лекови опфатени со дисперзијата и сите тие терапијата ја подигаат или ја примаат на Клиниката во Скопје. Од нив, 491 живеат надвор од скопскиот регион и многумина патуваат секој месец, често со придружник, што значи трошок, отсуство од работа и дополнителен напор за луѓе со хронична болест. Децентрализацијата овозможува да се опслужат повеќе пациенти без Клиниката да стане тесно грло – рече министерот за здравство Сашо Клековски и додаде дека буџетот за лекови за мултиплекс склероза годинава изнесува рекордни 451 милион денари.

– Ова е модел. Тоа е олеснување за пациентите, кои терапијата ќе ја добиваат поблиску до својот дом, но и унапредување за здравствените работници во регионалните болници, чиј делокруг на работа се збогатува. Секако, ова е модел и за други области, како онкологијата – додаде тој.

Директорот на Неврологија, Јован Божиновски, истакна дека иницијативата е одговор на долгогодишните барања на Здружението за борба против мултиплекс склероза.

– Правилникот ги утврдува лековите, надлежностите, условите за центрите и постапката, а со протоколот секоја болница одделно ги презема обврските што ја засегаат. Болниците се обврзуваат да одредат одговорен невролог, фармацевт и обучени медицински сестри, да ги чуваат и издаваат лековите по пропишан режим, да ја евидентираат секоја доза и да ги пријавуваат несаканите реакции во рок од 24 часа. Клиниката ја задржува стручната, финансиската и организациската одговорност: таа ги набавува лековите, преку Комисијата за имуномодулаторна терапија одлучува за секој пациент, ја фактурира терапијата кон Фондот за здравствено осигурување и врши надзор во центрите најмалку еднаш годишно – појасни Божиновски.

Децентрализацијата опфаќа десет лекови, поделени во две групи. Во првата се лековите што пациентот сам ги применува – интерфероните, глатирамер ацетат и оралните лекови (диметил фумарат, терифлуномид, кладрибин) – и тие се подигаат месечно од болничката аптека на центарот. Во втората се биолошките лекови „окрелизумаб“, „натализумаб“ и „офатумумаб“, кои ги аплицира медицинско лице во центарот.

Терапијата се воведува на Клиниката, каде пациентот ја прима првата доза, поминува обука и потпишува согласност, а сите наредни дози ги прима во регионалниот центар. Контролите се на секои шест или 12 месеци, со дигитален конзилиум.

Во првата фаза Клиничката болница во Штип ќе ги покрива источниот, југоисточниот и вардарскиот дел (околу 128 пациенти), СБ „Св. Еразмо“ – југозападниот дел и Битола (околу 146), а ГОБ „8 Септември“ ги презема пациентите од Скопје (344).

Вкупно 618 пациенти (74 %) ќе можат терапијата да ја добиваат во регионален центар, а заедно со пациентите од граничните општини, кои сами ќе го изберат центарот, до 692 (83 %).

Преминот е доброволен – пациентот преминува дури откако ќе потпише писмена согласност, а оној што не сака да премине останува на Клиниката без никакви последици врз правото на терапија.

Поврзани содржини