ГЕРМАНИЈА СЕ СООЧУВА СО НОВА ЕРА НА ШТЕДЕЊЕ Мерц призна дека државата нема пари за сè
И покрај рекордниот буџет за 2027 година, Германија планира задолжување од околу 210 милијарди евра, а министерот за финансии веќе најави дека следната година ќе биде потребно дополнително штедење.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги подготви граѓаните за ограничување на јавните расходи и откажување од досегашните очекувања, иако парламентот го усвои рекордниот буџет за 2027 година, кој предвидува ново задолжување од околу 210 милијарди евра.
Германија во наредните години ќе мора да постави поостри приоритети во трошењето на јавните пари, бидејќи државата веќе нема финансиски простор да ги финансира сите потреби и очекувања на кои граѓаните се навикнале. Ова беше пораката на германскиот канцелар Фридрих Мерц во обраќањето пред Бундестагот за време на дебатата за федералниот буџет за 2027 година.
– Повеќе немаме пари за сè – порача Мерц, предупредувајќи дека од даночните приходи во иднина нема да може да се финансира сè што државата досега го обезбедувала.
Тој оцени дека Германците, но и политичарите, ќе мора да се откажат од дел од своите досегашни очекувања и приоритети. Според него, доколку не се направат навремени промени, идните генерации ќе останат со сè помалку финансиски средства и слобода самостојно да одлучуваат за тоа како ќе се трошат јавните пари.
Мерц ја опиша Германија како земја што се соочува со сериозни предизвици на геополитички, технолошки и демографски план. Буџетот, според него, ја одразува реалноста во која се наоѓа државата, а меѓу приоритетите ги издвои одбраната, инфраструктурата, економијата и последиците од демографските промени.
Германскиот канцелар истовремено го бранеше предложениот буџет, и покрај критиките за начинот на кој беше подготвен и за големото задолжување. Тој призна дека процесот на усогласување на буџетот во владејачката коалиција не бил едноставен, но оцени дека конечниот резултат е прифатлив.
Германскиот Бундестаг денеска го усвои федералниот буџет за 2027 година, со планирани расходи од околу 555,94 милијарди евра. За него гласаа 316 пратеници, додека 260 беа против.
Планот предвидува ново задолжување од околу 210 милијарди евра, вклучувајќи ги и посебните фондови за инфраструктура и вооружените сили. Станува збор за едно од највисоките нивоа на задолжување во повоената историја на Германија, веднаш зад задолжувањето за време на пандемијата.
Значителен дел од средствата ќе биде насочен кон одбраната. Редовниот одбранбен буџет треба да достигне 109,7 милијарди евра, а дополнителни средства ќе бидат обезбедени преку посебниот фонд за германската војска.
Планирани се и големи инвестиции во инфраструктурата, но истовремено растот на расходите и трошоците за отплата на долгот дополнително ќе го ограничуваат просторот за финансирање други државни потреби.
Министерот за финансии Ларс Клингбајл веќе навести дека буџетот за 2028 година ќе биде уште потежок и дека ќе бидат потребни дополнителни мерки за штедење.
Дебатата за буџетот ја одбележаа и критики од опозицијата, која го оспоруваше високото задолжување, распределбата на средствата и планираните кратења. Владејачката коалиција, предводена од демохристијаните и социјалдемократите, сепак успеа да обезбеди парламентарна поддршка за буџетскиот план.