ПРЕСВРТ ЗА СЛУЧАЈОТ „СЕВЕРЕН ТЕК“, ДОДАДЕНО „ВОЕНО ЗЛОСТОРСТВО“ Хрватскиот суд бара објаснување пред да го екстрадира осомничениот „Володимир“
Хрватскиот суд побарал дополнителни објаснувања за 2 европски налози за апсење. Украинскиот нуркач бара азил, тврдејќи дека во Германија нема да добие правично судење.
Високиот кривичен суд на Хрватска ја укинал одлуката за екстрадиција во Германија на украинскиот нуркач Володимир Журављов, осомничен за учество во саботажата на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море во 2022 година. Предметот е вратен на повторно одлучување во Пула, објави „Индекс“, пренесувајќи го соопштението на неговите адвокати.
Одлуката била донесена на 23 ноември, а адвокатската канцеларија „Катеринчук, Мур и партнери“ ја објавила на 27 ноември. Според одбраната, повисокиот суд оценил дека заклучоците со кои во септември била одобрена екстрадицијата се преуранети.
Судот во Пула треба да побара од германските правосудни органи дополнителни објаснувања за односот меѓу 2 европски налози за апсење, правната квалификација на делата и опсегот на кривичното гонење. Адвокатите ја оценија одлуката како важен процесен успех, но нагласија дека за предавањето на Журављов на Германија допрва ќе се одлучува.
Постапката претходно се усложнила кога Германија го дополнила налогот со нова квалификација — воено злосторство. Неговите адвокати уште во септември соопштија дека поради измената било одложено рочиштето за екстрадиција.
Германската истрага го сомничи Журављов дека бил дел од нуркачката група што поставила експлозив на гасоводите. Тој беше уапсен во Хрватска на 19 август годинава, по германско барање за сомневања за соучество во предизвикување експлозија, противуставна саботажа и уништување објекти.
Необичен детаљ го придружуваше неговото апсење: според тогашните медиумски извештаи што ги пренесе „Јуроњуз“, во Хрватска работел како советник на филмот „Змиски остров“, инспириран токму од саботажата на „Северен тек“. Во филмот на режисерот Даг Лајман играат Шон Пен и Ејдриен Броди.
Журављов претходно беше приведен и во Полска, но тамошниот суд во октомври 2025 година одби да го предаде на Германија. По апсењето во Хрватска побара и азил, изразувајќи сомневање дека би имал правично судење во Германија. Неговиот адвокат Микола Катеринчук објасни дека барањето за азил само по себе не ја запира постапката за екстрадиција.
Експлозиите во септември 2022 година ги оштетија гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, изградени за пренос на руски гас до Германија преку Балтичкото Море. Германските истражители ја поврзуваат операцијата со група што користела изнајмена едрилица, додека украинските власти негираат вмешаност во нападот.