ГУТЕРЕШ Е ЗАПРЕПАСТЕН ОД ИЗРАЕЛСКИТЕ НАПАДИ ВРЗ ГАЗА Убиени се над 400 Палестинци, главно жени и деца

Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, рече дека е ужаснат од континуираното израелско бомбардирање и повика на „итно прекинување на кошмарот“.

239

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, е „шокиран од израелските напади“ врз Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на ОН.

– Гутереш испрати итен апел за почитување на прекинот на огнот, повторно воспоставување на хуманитарната помош и безусловно ослободување на преостанатите заложници – изјави портпаролот Роландо Гомес.






Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, рече дека е ужаснат од континуираното израелско бомбардирање и повика на „итно прекинување на кошмарот“.

– Единствениот пат напред е политичко решение, во согласност со меѓународното право – рече Турк.

Убиени се повеќе од 400 Палестинци во текот на ноќта

Министерството за здравство на Хамас објави дека повеќе од 400 луѓе, главно палестински деца и жени, биле убиени во текот на ноќта во израелските напади врз Појасот Газа.

Бројот на загинати во израелското гранатирање во Појасот Газа достигна 413, јавија од ДПА, повикувајќи се на здравствените власти во палестинската енклава која ја контролира Хамас.

Во нападите се повредени најмалку 660 луѓе.

Израел денеска започна нова офанзива во Газа, со што стави крај на примирјето со исламистичката група. Се стравува од целосно обновување на војната, забележува ДПА.

„Многу здравствени структури се буквално преоптоварени по новото гранатирање“, соопшти денеска Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Светската здравствена организација од своја страна го истакна недостигот на лекови на палестинската територија.

„Поради недостиг на лекови, постои ризик здравствените работници да не можат да обезбедат третман за различни медицински состојби, а не само за трауматски рани“, предупреди СЗО.

Најмалку четворица високи претставници, вклучувајќи и двајца полицајци во администрацијата на Хамас, се убиени во синоќешните напади. Меѓу нив се шефот на владиниот административен комитет, Есам ал Далис, потсекретарот на Министерството за внатрешни работи, генерал Мохамед Абу Ватфа, главниот директор на службите за внатрешна безбедност, генерал Бахџат Абу Султан, и потсекретарот на Министерството за правда, Ахмед ал-Хета.

Поврзани содржини