ГИ ПРЕДАЛА ФБИ И ПРОГРАМАТА, ЈА БАРААТ ЗА 200.000 ДОЛАРИ Поранешна американска службеничка пребегала во Иран
ФБИ понуди награда од 200.000 долари за информации што би довеле до апсење на поранешната разузнавачка службеничка Моника Вит. Американските власти тврдат дека таа пребегала во Иран и открила доверлива американска програма.
Федералното истражно биро на САД објави дека нуди 200.000 долари за информации поврзани со локацијата и апсењето на поранешната американска разузнавачка службеничка Моника Вит, обвинета за шпионажа во корист на Иран.
Според американските власти, Вит пребегала во Иран уште во 2013 година, а 6 години подоцна била обвинета дека открила строго доверлива американска разузнавачка програма и идентитет на американски агент.
– Со тоа наводно му го загрозила животот на агентот – соопштија американските власти.
Тајни информации за Техеран
Во обвинението се наведува дека Моника Вит соработувала со иранските власти и им предавала информации поврзани со националната безбедност на САД.
За возврат, според ФБИ, иранските власти ѝ обезбедиле сместување и техничка опрема.
Американските служби веруваат дека таа и понатаму е активна и дека продолжува да ги поддржува иранските активности.
ФБИ сè уште трага по неа
ФБИ соопшти дека потрагата по Вит продолжува и дека секоја информација што би помогнала во нејзиното пронаоѓање ќе биде разгледана.
Случајот повторно го отвори прашањето за инфилтрација, пребегнувања и разузнавачки операции меѓу Вашингтон и Техеран, во период на силни геополитички тензии меѓу двете држави.