ЕУ-проширување – во која насока?

ЕУ-проширувањето е заглавено. Како исчекор за отворање на вратите, Брисел можеби ќе реши да ја пушти Црна Гора во топлината на семејството. Уште една мала држава плус. Тоа би можело да биде важно за Брисел, за да докаже дека процесот не е мртов.

0

Веќе стана навика перспективите за проширување на ЕУ да бидат постојано актуелни во дискусиите на разни нивоа во Брисел, и покрај тоа што „заморот од проширувањето“ во изминатата деценија не покажа посебно изразени знаци на попуштање и внесување поинтензивна динамика во процесот. Последната досега членка, примена во полноправно членство, е Хрватска во 2013 година.

На агендата сега доминираат безбедносно-политичките прашања. Во Норвешка се засилија заложбите на приврзаниците на зачленувањето во ЕУ со тоа што се изразуваат надежи дека планираниот референдум на Исланд за ЕУ-членство ова лето ќе ја отвори дебатата за ЕУ и ​​во Норвешка. Доколку Исланд започне преговори со ЕУ, Норвешка ризикува да стане сè поизолирана во својата надворешна позиција. Европското движење во Осло верува дека договорот за ЕЕА (за Европската економска област) повеќе не е доволен во геополитички непредвидливиот свет.

Инаку, Норвежаните, историски гледано, веќе двапати гласаa против членството во ЕУ, во 1972 и 1994 година, првенствено за да се заштити националното самоопределување, како и контролата врз природните ресурси, пред сè нафтата и гасот. Силното противење се темели на желбата за одржување на политичкиот суверенитет и скептицизмот во врска со тоа да бидат управувани од Брисел.

Но, времињата се менуваат. Велика Британиоја е единствена земја досега што го повлече своето членство од ЕУ во 2020 година. Мислењата и ставовите меѓу Британците сега се уште поподелени отколку во времето на одржување на референдумот за напуштање на Унијата, но многумина и понатаму сметаат дека Брегзит беше историска грешка. Тие што го оправдуваат Брегзит обично велат: Британците ја напуштија ЕУ, но не и Европа.

Британскиот премиер Кир Стармер деновиве изјави дека неговата влада ќе ја постави земјата „во срцето на Европа“ и ја остави отворена можноста за приближување кон единствениот пазар и царинската унија на ЕУ по следните избори, објави „Фајненшл тајмс“. Сепак, сегашните црвени линии ја исклучуваат можноста за повторно влегување во единствениот пазар за време на тековниот мандат. Се вели дека претставниците на ЕУ се разочарани и веруваат дека говорот нема да ја промени сликата во Брисел. Самит меѓу ЕУ и Велика Британија се очекува во јули.

Според најновото европско испитување на јавното мислење што го спроведе една од најголемите фондации во Германија, „Бертелсман“, процентот на Европејци кои ја сметаат Велика Британија како најважен сојузник на Унијата речиси се дуплирал од есента 2024 година. Од друга страна, довербата во САД нагло опадна меѓу Европејците по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Во исто време, дополнително е зголемено мнозинството меѓу европските граѓани кои изразуваат мислење дека ЕУ треба да го следи својот пат.

Напоредно на тој тренд, во „лигата на сиромашните“ на европската периферија приклучувањето кон европскиот пат и понатаму наидува на сериозни тешкотии и предизвици. Се чини дека Брисел со нагласен оптимизам се обидува да ги минимизира проблемите кои би можеле значајно да ги оспорат и доведат под знак прашање аспирациите на некои земји да станат членки.

ЕУ сака брзо да ги започне преговорите за членство со Молдавија, но сè уште не е одреден датум за почеток. изјави неодамна шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, по состанокот со претседателката Маја Санду во Кишињев. Молдавија има за цел да го потпише договорот за пристапување до 2028 година. Калас верува дека сега постои можност за дејствување додека ниедна земја-членка не се спротивставува на членството на Молдавија во ЕУ. Отцепениот регион Приднестровие нема да биде пречка, тврди Калас, и покрај тоа што руски трупи се стационорани на територијата на Молдавија.

Пред неколку години Парламентот на Молдавија гласаше за промена на официјалниот јазик на земјата од романски на молдавски. Молдавскиот е дијалект на романскиот јазик, при што и двата се сметаат за речиси идентични. Она што го разликува молдавскиот јазик се главно словенските позајмици што биле воведени за време на советската власт по Втората светска војна. Во тоа време, латиницата била заменета со кирилицата. Овој потег се смета за важен чекор кон поблиски врски со ЕУ и оддалечување од историските врски со Русија. Проруските партии силно протестираа на тоа, а Кремљ го нарече законот „антируска резолуција“.

Но официјален јазик на Молдавија и понатаму е романски, мајчин јазик на мнозинството од населението, околу 75–80 проценти. Овие проценти се општо познати и прифатени, и никој не ги оспорува на некаков посериозен начин. Оттаму станува јасно дека Молдавија би влегла во составот на ЕУ без официјален молдавски јазик, туку со романскиот кој во Унијата веќе е присутен преку Романија. Никој тука не би имал некаков поголем проблем со Копенхашките критериуми.

Впрочем, ЕУ моментно има 27 земји-членки, но не и 27 официјални јазици, туку 24. Во Белгија и Брисел, седиште на ЕУ, се зборуваат три официјални јазици (француски, холандски и германски), но не и белгиски, кој не постои. Во Луксембург официјални јазици се луксембуршки, француски и германски, но луксембуршкиот не се вбројува меѓу 24-те официјални јазици на ЕУ. Во Австрија се зборува германски, исто како и во Германија, а на Кипар (со исклучок на турскиот дел) грчки, исто како и во Грција.

И така доаѓаме и до Балканот, зона на жестоки јазични и национални оспорувања. Без тоа Балканот веројатно би се претворил во здодевни игри од детска градинка. Македонскиот јазик, како доминантен јазик на големото мнозинство граѓани во Македонија, е изложен на сериозни оспорувања и негирања од страна на соседна Бугарија, која сака да го „редуцира“ на бугарски дијалект и покрај тоа што занемарливо мал број македонски граѓани се изјаснуваат како Бугари кои го зборуваат бугарскиот јазик како нивен прв, мајчин јазик. Официјална Софија сепак инсистира на тоа, протурајќи ја со невиден цинизам тезата дека Македонија, согласно прифатената преговарачка рамка и протоколи, нема билатерален проблем околу историјата, националниот идентите и јазикот со Бугарија, туку дека околу тоа треба да води дискусија со Брисел (ЕУ).

Признавањето на веќе признаените официјални јазици нема никаква допирна точка со Копенхашките критериуми. Тоа им е сосема јасно и на најголемите скептици вклучувајќи ги и ЕУ-лидерите во Брисел, како и оние во најмоќните ЕУ-членки, кои можеби би сакале да направат жртва за да ги отстрант „нарушувачките моменти“ кои го отежнуваат склопувањето на големиот европски мозаик. Според принципот на „вкалапување“ во Прокрустова постела.

ЕУ-проширувањето е заглавено. Како исчекор за отворање на вратите, Брисел можеби ќе реши да ја пушти Црна Гора во топлината на семејството. Уште една мала држава плус. Тоа би можело да биде важно за Брисел, за да докаже дека процесот не е мртов. И за членството на Албанија, во која фрчат молотови коктели на улиците и плоштадите во Тирана, на кои се протестира против криминалот и епидемиската корупција, се даваат, исто така, оптимистички изјави за скорешно членство.

Треба ли да се верува во тоа? На Македонија, пак, и понатаму ѝ се поттура прашањето за националниот идентитет и јазик. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веќе рече дека со нетрпение очекува македонскиот да стане еден од официјалните јазици на ЕУ. Моментно Црна Гора брза да влезе во ЕУ пред сите други кандидадтки од Западен Балкан. И да го збогати официјалниот мултијазичен список на ЕУ со својот црногорски јазик. Кои би биле рационални причини Македонија да прифати поинаков третман.

Поврзани содржини