ДОДЕКА СЕ ЧЕКА ЖЕНЕВА, ИСПЛИВА НОВ „ДОГОВОР“ Милијардата за Иран ќе обезбеди Катар со амин од САД?

Израелски медиуми тврдат дека Доха и Техеран склучиле финансиски аранжман за безбедно минување низ Ормускиот Теснец, додека Вашингтон и Иран се подготвуваат за потпишување привремен договор во Женева.

0

Само неколку дена пред најавеното потпишување на договорот меѓу САД и Иран во Женева, израелски медиуми објавија детали за наводен таен финансиски аранжман меѓу Катар и Техеран.

Според „Israel Hayom“ и „Times of Israel“, Катар, со премолчено одобрение од Вашингтон, му овозможил на Иран пристап до милијарди долари во замена за безбедно поминување на катарските танкери низ Ормускиот Теснец, една од најважните енергетски артерии во светот.






Милијарди долари и Ормускиот Теснец

Повикани на тројца дипломатски извори, медиумите тврдат дека договорот бил постигнат пред околу еден месец, во екот на безбедносните стравувања во Персискиот Залив.

Според истите извори, дел од средствата биле ослободени од иранските фондови што се наоѓале во Катар, додека бил воспоставен и кредитен механизам вреден до една милијарда долари за купување стоки преку катарски посредници.

Наводно, дел од плаќањата биле прикажани како такси за премин на катарски танкери и трговски бродови низ Ормутскиот Теснец.

Зошто Катар барал договор со Техеран?

Извештаите тврдат дека Доха решила директно да ги зајакне контактите со Иран по нападот врз една катарска гасна постројка за време на неодамнешниот конфликт во кој беа вклучени Иран, САД и Израел.

Додека неколку земји од Заливот беа погодени од ракетни и беспилотни напади, Катар во голема мера останал надвор од тие удари, што дел од аналитичарите го поврзуваат токму со финансискиот аранжман со Техеран.

Кој ќе ги даде парите?

Наводите доаѓаат во момент кога се сè погласни написите дека меморандумот меѓу САД и Иран содржи одредена финансиска поддршка за Иран. Претседателот на САД ги отфрли написите дека САД ќе му предрлат 300.000 долари на Иран, додека потпретседателот Џеј Ди Венс изјави дека со договорот Иран автоматски не добива пари и дека поддршката зависи од исполнување на обврските.

Според досега објавените информации, рамковниот документ предвидува продолжување на прекинот на огнот, отворање на Ормускиот Теснец и почеток на технички преговори за нуклеарната програма на Иран.

Ди Венс изјави дека меморандумот е само краток документ кој поставува основа за идните преговори. Дел од американските безбедносни кругови веќе изразија сомнежи дека Техеран ќе ги исполни сите преземени обврски.

Израел предупредува на ново јакнење на Иран

Веста предизвика реакции во Израел, каде дел од опозицијата и безбедносните аналитичари предупредуваат дека секое финансиско олеснување може дополнително да го зајакне регионалното влијание на Иран.

Според нив, клучните прашања поврзани со нуклеарната програма и балистичките ракети остануваат отворени, додека Техеран би можел од кризата да излезе со поголемо влијание врз поморските патишта и сојузничките структури во регионот.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху изјави дека додека тој е премиер, Иран нема да поседува нуклеарно оружје, со или без договор со САД.

Поврзани содржини