ЈАПОНИЈА РАЗВИВА ЕКОЛОШКИ ОГНОМЕТ Обвивките на барутот се раствораат во вода за 1 ден

Топката на огнометот се состои од слоеви барут во надворешната обвивка, која при експлозијата се распрскува и паѓа на земја, пренесува агенцијата „Кјодо“.

27

Јапонската компанија „Kakinoki Fireworks“, која произведува пиротехнички средства за огномет, и еден универзитетски професор заеднички развија поеколошки огномет со обвивки кои можат да се растворат во вода и природно се разградуваат по употребата, во надеж дека ќе се намали количеството отпад што паѓа на земјата по испукувањето.

Топката на огнометот се состои од слоеви барут во надворешната обвивка, која при експлозијата се распрскува и паѓа на земја, пренесува агенцијата „Кјодо“. Додека на остатоците од конвенционалните обвивки, кои обично се прават од крафт-хартија, им е потребно половина година за да се разградат, новите обвивки што содржат смола растворлива во вода можат да се разградат за само еден ден.






Според наводите на проектниот тим, составен од претставници на компанијата „Kakinoki Fireworks“ и професорот Такахико Накаока од Универзитетот Рјукоку, благодарение на новоразвиените обвивки, остатоците од стандарден воздушен огномет со средна големина (со дијаметар од околу 12 сантиметри) можат да се разградат веќе до следниот ден.

Во новите обвивки се користи смола растворлива во вода, која инаку често се применува кај земјоделските семиња и средствата за подобрување на квалитетот на почвата. Овој биоразградлив материјал се смета за безопасен дури и ако го голтнат живите организми и нема штетно влијание врз животната средина.

Кога е изложена на влага, новата обвивка станува мека како загреана карамела и може речиси целосно да се раствори во рок од еден ден во подрачја со тековна вода, како што се реките. Во Јапонија многу фестивали на огномет се одржуваат над големи реки, езера или на море.

Иако крафт-хартијата и понатаму се користи за да се спречи продор на влага до самата обвивка, потрошувачката на хартија може да се намали од околу два листа со А3-формат, колку што се потребни за стандарден воздушен огномет, на само еден лист.

Компанијата „Kakinoki Fireworks“ веќе околу 25 години работи на развој на поеколошки огномет. „Од 20.000 огномети (колку што планираме да произведеме оваа година), сакаме 10.000 да бидат еколошки прифатливи“, изјави претставникот на компанијата „Kakinoki“.

Поврзани содржини