НЕОБИЧНА ТУРИСТИЧКА КАМПАЊА НА ФИНСКА Бесплатно четиридневно патување и вечера на слепо за 16 самци од целиот свет

Шеснаесетмина ќе добијат платено патување во Хелсинки или Тампере во февруари 2027 година, со сместување, храна и организирани активности. На главната вечера ќе им се придружат и двајца слободни Финци, а пријавувањето трае до 10 ноември.

0

Финска има необична понуда за самците од целиот свет – бесплатно четиридневно патување во земјата, со сместување, храна, активности и вечера на слепо. Националната туристичка организација „Visit Finland“ бара 16 учесници кои во февруари 2027 година ќе добијат можност да ја запознаат финската култура и гастрономија, но и можеби да пронајдат нова љубов.

Кампањата е наречена „Finnish Dinner Date“ и предвидува две групни патувања. Осуммина ќе заминат во Хелсинки, а другите осум во Тампере, град во областа на финските езера. Патувањата ќе се реализираат во периодот од 9 до 19 февруари 2027 година, а избраните учесници ќе дознаат во кој град ќе одат дури откако ќе го потврдат учеството.






Врвот на програмата ќе биде вечера на слепо, на која секоја група од осуммина патници ќе се запознае со двајца локални Финци кои исто така се слободни. На трпезата ќе бидат послужени специјално подготвени дегустациски менија што ги претставуваат финската кујна и регионалните традиции. Менито за Хелсинки го креирала готвачката Аделе Кинунен, шефица на кујната во ресторанот „Кафе Савој“, додека за регионот Тампере е задолжен готвачот Хенри Тиканен, познат и по учеството на престижниот натпревар „Бокуз д’Ор“.

Идејата за кампањата е поврзана со необичен фински тренд наречен „синккукори“, односно „кошничка за самци“. Во некои фински продавници, слободните луѓе можат да земат розова кошничка за пазарување, со која ненаметливо покажуваат дека се отворени за запознавање нови луѓе. Токму овој начин на спонтано запознавање, кој привлече големо внимание на социјалните мрежи, бил инспирација за организирање на вечерата на слепо.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Bizna Kenya (@biznakenya)

Како да се пријавите?

Заинтересираните треба да поминат низ два чекора. Прво, да снимат кратко видео на англиски јазик во кое ќе одговорат на прашањето: Што би послужиле на вечера за запознавање и зошто?

Видеото треба да го објават на Инстаграм, Тикток или Јутјуб со хаштагот #FinnishDinnerDate и да ја означат официјалната страница на „Visit Finland“.

Потоа треба да го пополнат формуларот на официјалната интернет-страница на кампањата и да ја достават врската до објавеното видео. Профилите на Инстаграм и Тикток мора да бидат јавни, додека видеото на Јутјуб може да биде поставено и како необјавено, така што ќе можат да го гледаат само оние што ја имаат врската.

Пријавувањето завршува на 10 ноември 2026 година во 11:59 часот по финско време, а имињата на избраните 16 учесници ќе бидат објавени на 1 декември на профилите на „Visit Finland“ на Инстаграм и Тикток.

Организаторите нагласуваат дека патувањето е целосно платено и вклучува четиридневна програма со храна, сместување и активности. Не ветуваат дека учесниците ќе ја пронајдат љубовта на својот живот, но ветуваат необично искуство во земјата која девет години по ред е прогласувана за најсреќна во светот.

Поврзани содржини