ПОРТУГАЛСКАТА ПОЛИЦИЈА ГО ОТСТРАНИ ШАТОРСКИОТ КАМП НА ДЕМОНСТРАНТИТЕ Со штитови и палки ги растера стотиците луѓе

Полициските службеници употребија штитови и палки за да ги растераат стотиците луѓе кои се обидоа да го спречат отстранувањето на шаторите по вчерашниот масовен протест против владиниот закон за закупнини.

58

Португалската полиција рано утрово го отстрани шаторскиот камп што демонстрантите го поставија на плоштадот Росио, во центарот на Лисабон. Полициските службеници употребија штитови и палки за да ги растераат стотиците луѓе кои се обидоа да го спречат отстранувањето на шаторите по вчерашниот масовен протест против владиниот закон за закупнини.

Португалија се соочува со една од најтешките кризи во домувањето во Европа, а младите се особено погодени. Цените на недвижностите се зголемија повеќе од двојно од 2017 година, додека кириите за нови договори речиси се удвоени.






Демонстрантите предупредуваат дека новиот закон може дополнително да ја влоши ситуацијата.

По вчерашниот протест, на кој неа собрани неколку илјади луѓе, учесниците поставија повеќе од 50 шатори на плоштадот Росио. Тие имаа намера да продолжат да протестираат против предложениот закон на владата што ќе го олесни иселувањето на закупците и ќе ги укине ограничувањата за кирија за нови договори.

Околу 3:30 часот утрово, десетици полицајци, вклучително и полицајци со кучиња, пристигнаа на плоштадот. Командирот на полицијата трипати ги предупреди демонстрантите дека мора да ги отстранат шаторите бидејќи се нелегално поставени.

Тој, исто така, предупреди дека луѓето кои одбиваат да ги почитуваат полициските наредби би можеле да се соочат со обвиненија за непослушност. Откако демонстрантите не го напуштија кампот, полицијата почна да го отстранува, употребувајќи штитови за да ги потисне стотиците луѓе кои се обидуваа да го заштитат кампот со шатори. Во неколку наврати, тие користеа и палки за да ги растераат демонстрантите и да овозможат отстранување на шаторите.

Полицијата ноќеска отстрани и помал камп со шатори на плоштадот Дом Жоао I во Порто, вториот по големина град во Португалија. Демонстрантите се собраа таму и поради незадоволство од владината политика за домување.

Претставникот на социјалистите, Педро Делгадо Алвес, претходно предупреди дека собирот на плоштадот Росио бил мирен и дека нема причина за насилна полициска интервенција.

Според него, ништо не ја оправдува „полициската интервенција со употреба на сила, физичко насилство или удари со палки, сцени какви што видовме минатата недела“.

Полицијата веќе беше критикувана минатиот викенд поради начинот на кој ги отстрани шаторските кампови од истите плоштади. Потоа полицијата употреби и палки, а уапси и десетици демонстранти.

Протестите поради високите трошоци за домување се интензивираа низ цела Португалија во последните недели. Слични собири се одржуваат во Шпанија, Франција, Германија и во други европски земји.

Поврзани содржини