ЕКСПЛОЗИЈА ПРЕД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА МИНИСТЕРОТ ЗА МИГРАЦИЈА НА ГРЦИЈА Плеврис смета дека намерата била негово убиство
Импровизиран експлозивен механизам со две мали плински боци, од кои едната експлодирала, бил поставен пред влезот на политичката канцеларија на министерот за миграција и азил на Грција, Танос Плеврис, во атинската населба Колонаки, а била предизвикана материјална штета на влезната врата.
Импровизираниот механизам бил поставен кусо по 2 часот и интервенирал Одделот за деактивирање експлозивни направи при грчката полиција, додека пак Плеврис реагираше преку социјалните мрежи.
„Некои приврзаници на нелегалните мигранти поставија експлозивни механизми во мојата политичка канцеларија во центарот на Атина. Само што си заминав. Начинот на кој ги поставија експлозивните механизми укажува на намера за убиство. Не им придавам значење на конкретните ѓубриња. Ги плашам, но не ме плашат“, напиша Плеврис на Икс.
Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, преку соопштение посочи дека нападот е „криминално дело извршено од кукавици, од оние кои сакаат да го „замолчат“ Танос, како и секој друг кој ја прави „грешката“ да не се поистоветува со логиката на хаос и насилство“.
– Добро нека разберат: демократијата не се заплашува и никогаш нема да функционира според нивните правила. Имаме целосна доверба во грчката полиција дека ќе ги открие и уапси сторителите во најкус можен рок – посочи Маринакис.
Нападот го осуди и грчката владејачка партија Нова демократија.