ТРАМП ВЕТИ ПО 5.000 ДОЛАРИ ЗА СЕКОЈ АМЕРИКАНЕЦ АКО РЕПУБЛИКАНЦИТЕ ПОБЕДАТ НА ИЗБОРИТЕ Парите мора да се потрошат во САД
Бидејќи историски гледано партијата на актуелниот претседател речиси секогаш губи места во Конгресот за време на среднорочните избори, „Трамп дивидендата“ се гледа како последен, максимален обид на републиканците да ја мотивираат својата гласачка база и да обезбедат историски триумф во ноември.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека секој полнолетен граѓанин на Соединетите Американски Држави ќе добие директна парична исплата од 5.000 долари, ако Републиканската партија победи и го задржи мнозинството во двата дома на Конгресот – Претставничкиот дом и Сенатот – на претстојните среднорочни избори закажани за 3 ноември.
Оваа мерка веќе ја доби етикетата „Трамп дивиденда“.
Парите мора да останат во Америка
Трамп првпат ја претстави оваа идеја во септември на републиканската конвенција во Далас, Тексас, а неодамна дополнително ја актуелизираше пред илјадници поддржувачи на масовниот мититг во Дејтона Бич, Флорида. Според неговиот план, мерката има јасна националистичка економска цел.
– Доколку ги добиете овие пари, тие ќе мора да бидат потрошени исклучиво во САД. Нема да можете да ги трошите во Кина, Германија или во Канада. Овие средства се наменети за зајакнување на нашата домашна економија и поддршка на американските бизниси – порача Трамп.
Потпретседателот Џеј Ди Венс застана во одбрана на економската логика зад предлогот, појаснувајќи дека овие 5.000 долари нема да се финансираат преку печатење нови пари, што беше пракса за време на пандемијата. Напротив, Венс тврди дека средствата ќе се обезбедат директно од масовните приходи кои државата ги собира преку воведените царини за странски стоки.
– Ова е суштински различно од стимулативните чекови од времето на администрацијата на Бајден кои ја поттикнаа инфлацијата. Ова е враќање на сопствените даночни долари на американските граѓани, генерирани од нашиот економски успех – изјави Венс, навестувајќи дека од оваа мерка најверојатно ќе бидат исклучени најбогатите Американци.
Жестоки критики од експертите: Купување гласови или економски колапс?
Демократската партија и независните економски аналитичари веднаш го оценија ветувањето како „опасен популизам“ и „празна реторика“. Првичните пресметки на експертите покажуваат дека ваквиот план би ја чинел државата повеќе од 1,3 трилиони долари. Критичарите предупредуваат дека ваков огромен одлив на средства драстично ќе го зголеми веќе критичниот буџетски дефицит на САД и неизбежно ќе предизвика нов бран на инфлација и поскапување на трошоците за живот.
Покрај економските импликации, правните експерти отворија сериозна дебата за легалноста на ваквиот потег. Многумина поставуваат прашање дали директното нудење парични исплати на граѓаните, експлицитно условено со победа на одредена политичка партија, преминува во сфера на нелегално купување гласови во пресрет на избори.
Политичките аналитичари во Вашингтон сметаат дека овој агресивен потег на Трамп е директен одговор на падот на рејтингот на неговата администрација, која се соочува со незадоволство кај граѓаните поради високите трошоци за живот и актуелните глобални тензии.
Бидејќи историски гледано партијата на актуелниот претседател речиси секогаш губи места во Конгресот за време на среднорочните избори, „Трамп дивидендата“ се гледа како последен, максимален обид на републиканците да ја мотивираат својата гласачка база и да обезбедат историски триумф во ноември.
На овие избори што традиционално се одржуваат на средината од претседателскиот мандат, демократите се надеваат дека ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом од републиканците, а можеби и врз Сенатот.
До вчера напладне 47,9 милиони Американци веќе гласаа, согласно дозволените процедури за предвремено гласање.