МИЦКОСКИ ГИ ОТВОРИ МАКЕДОНСКО-АМЕРИКАНСКИТЕ ТЕМИ СО КОНГРЕСМЕНИ ВО ВАШИНГТОН Со Тени зборувал за парламентарна соработка, со Селф за стратешкото партнерство

Премиерот во Вашингтон се сретна со конгресмените Клаудиа Тени и Кит Селф. Во фокусот, според неговите објави, биле стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, можностите за продлабочување на парламентарната соработка и заедничките интереси на двете земји.

154

Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи владината делегација во работна посета на САД, денеска во Вашингтон оствари одделни средби со американските конгресмени Клаудиа Тени и Кит Селф.

На средбата со Тени, која копретседава со Македонската група за пријателство во американскиот Конгрес, се разговарало за односите меѓу Македонија и САД, но и за поголема парламентарна соработка и размена на искуства.






„Разговаравме за традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, како и за значењето на парламентарната соработка и размената на искуства меѓу двете земји“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Тој додаде дека унапредувањето на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни односи треба да останат темел на идната соработка.

Мицкоски во Вашингтон се сретна и со републиканскиот конгресмен Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.

Таа средба била насочена кон стратешкото партнерство меѓу двете земји и областите во кои може дополнително да се зајакне соработката.

„Разговаравме за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од значење за нашите две држави“, напиша Мицкоски.

Американската конгресменка Тени е републиканка од Њујорк, додека Селф е републикански претставник од Тексас.

Од Вашингтон, владината делегација ќе продолжи во Њујорк, каде што Мицкоски ќе учествува на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации.

Премиерот претходно најави повеќе билатерални средби на маргините на собранието, со акцент на соседните земји и на државите од Заливот.

– Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски – рече Мицкоски во интервју за националниот сервис во понеделникот.

Тој тогаш рече и дека во агендата засега нема планирана средба со бугарската делегација.

Поврзани содржини