КОЈА Е ТАЈНАТА СОСТОЈКА НА РОНАЛДО? Нутриционист откри што му помага на фудбалерот да ја одржува формата и на 41 година
Зад долговечноста на Роналдо не стои една чудотворна намирница. Според Ондина, клучот е токму во она што е најтешко да се одржува со години
Кристијано Роналдо со години ги поместува границите на спортската долговечност, а ниту на 41 година не покажува знаци дека забавува. За неговата исхрана и неверојатната физичка подготвеност се зборува со години, но спортскиот нутриционист Џони Ондина тврди дека зад сето тоа не стои никаква чудотворна намирница.
Зборувајќи за исхраната на португалската фудбалска ѕвезда за шпанскиот „Ас“, Ондина вели дека менито на Роналдо всушност е прилично досадно. Се базира главно на природни и едноставни намирници, а не на производи што се недостапни за обичните луѓе.
– Тајната на исхраната на Кристијано Роналдо е состојка што ја немаат 90 отсто од обичните луѓе, па дури и врвните спортисти, а тоа е доследноста – вели нутриционистот.
Според него, токму способноста со години да се придржува до навиките што му одговараат е една од причините поради кои Роналдо успева толку долго да ја одржува физичката форма. По повеќе од две децении професионален фудбал, тој не бара постојано нови диети и трендови, туку се држи до она што веќе знае дека функционира.
Ондина предупредува дека луѓето често бараат брзи и магични решенија, особено под влијание на социјалните мрежи. Како пример ги наведува младите кои купуваат хималајска сол или веруваат дека со екстремен пост можат за кратко време да постигнат резултати какви што има професионален спортист.
– Проблемот е што има 18-годишници кои купуваат хималајска сол или прочитале на социјалните мрежи дека ако постат 15 дена, одеднаш ќе постигнуваат неверојатни резултати. Не функционира така – вели тој.
Нутриционистот открива и дека Роналдо не се придржува до правилото здравата исхрана да биде апсолутна и без исклучоци. Според неговите зборови, околу 95 отсто од времето фудбалерот се храни здраво, додека во преостанатите пет отсто си дозволува поинаков избор, вклучително и храна со едноставни шеќери или ултрапреработена храна.
Токму тој пристап, според Ондина, е важен и за да не се претвори односот кон храната во опсесија. Поентата, како што објаснува, не е човекот постојано да бара совршена диета, туку да создаде навики што може да ги одржува на долг рок.